
На дневен ред на седница на Собранието се ставени измените на новиот Закон за филмска дејност. Со предлог измените, Владата не се откажува од јавната давачка, туку само ги намали процентуалните износи за дел од засегнатите компании.
Измените предвидуваат наместо 2,5 проценти кабелските оператори и фирмите што пренесуваат интернет, на сметка на Агенцијата за филм ќе плаќаат 1 процент од вкупниот годишен приход.
Промени има и кај износот што треба да го плаќаат приредувачите на игри на среќа.
Тие наместо од вкупниот годишен приход, ќе плаќаат 3 проценти од разликата од добивката.
Со измените не се опфатени телевизиите, дистрибутерите на филмови и кината, за нив останува постоечкото законско решение.
Од Групацијата на национални телевизиски станици за 24 Вести веќе изјавија дека не се задоволни од предложените измени на Законот за филмска дејност и се револтирани што во измените не се опфатени и телевизиите.
Најавија дека ќе реагираат до Министерството за култура и ќе бараат намалување на процентот што треба да го плаќаат телевизиите.
Остануваат на ставот дека доколку и овој пат нивните барања не бидат прифатени, ќе ја реализираат иницијативата за оспорување на Законот на Уставен суд.
Од Здружението на кабелски оператори велат дека тие барале комплетно да бидат ослободени од новата давачка за филм, а не да им биде намален процентот.
Ставовите и барањата ќе ги прецизираат деновиве.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


