| четврток, 6 декември 2018 |

Светски ден на „Битлси“ денеска во Ливерпул

Денес во англискиот град Ливерпул ќе биде одбележан светскиот ден на “Битлси”, објави „Локално“. Секоја година во родниот град на музичарите се организираат голем број настани посветени на легендарната ливерпулска четворка.

Целиот ден во клубот “Cavern”, каде за прв пат свиреле, ќе има музичка програма посветена на нив. Таму тие настапиле 292 пати – од февруари 1961 до август 1963 година. Во сабота ќе се одржи рок-концерт, на кој ќе бидат отсвирени светски познатите песни на “Битлси”. Во градот се организирани и тури со автобус по главните атракции поврзани со “Битлси”. Властите на градот нагласуваат дека прославите во чест на четворицата најпознати негови граѓани ќе продолжат во текот на целата година.

Групата “Битлси” е формирана во 1960 година од Џон Ленон, Пол Макартни, Џорџ Харисон и Питер Бест, кој во 1962 е заменет со Ринго Стар (Ричард Старк). Од 1962 до 1970 година тие стекнуваат мултимилионска слава со 12 албуми, 13 миниалбума и 22 синглови. ”Битлси” престануваат да работат заедно во 1970 година, но уште од 1967 Џон Ленон и Пол Макартни имаат сопствени проекти.

По распадот на групата сите музичари се занимаваат со соло кариера. На 8 декември 1980 година пред својот дом во Њујорк е убиен Џон Ленон. На 29 ноември 2001 година почина од рак Џорџ Харисон. Пол Макартни и Ринго Стар и денес продолжуваат да творат – компонираат музика и прават концерти. Според електронската верзија на британското списание “Њу Мјузикал Експрес” (NME) тие планираат заеднички настап при доделувањето на годишните музички награди “Греми” на 26 јануари во Лос Анџелес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top