Атланта хоукс со Перо Антиќ во составот вечерва од 21 часот повторно ќе игра во Лондон, по 21 година пауза, а противник ќе им биде Бруклин нетс.
Хоукс за последен пат играа во главниот гтрад на Англија во 1993 година и тоа двомеч со Орландо меџик, а спектаклот беше импресивен. Тогаш се играше на фудбалскиот храм „Вембли“, секако приспособен за кошаркарски услови.
Тие два меча беа дел од претсезоната во НБА, а вечерашниот што ќе се игра во прекрасната арена „О2“ е дел од официјалната програма во најсилната кошаркарска лига на светот.
Британците и европските фанови на НБА во октомври 1993 година имаа можност да ги видат суперѕвездите Доминик Вилкинс во составот на Атланта хоукс и Шекил О`Нил во улога на центар кај Орландо. И двајцата се избрани во топ 50 најдобри кошаркари на сите времиња во НБА.
Вечерва нема толку познати ѕвезди, но тука е Перо Антиќ, кој се враќа на својата добро позната европска почва. Тој поради болки во грбот не го одигра претходниот меч за Хоукс, а се очекува да настапи против Бруклин нетс.
За загревање пред дуелот со Нетс, првиот Македонец во НБА-лигата беше во посета на фудбалскиот клуб Челси, каде што се фотографираше со пехарот на „сините“ од Лигата на шампионите, освоен во 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.