| четврток, 6 декември 2018 |

ИВЗ апелира да не се оди во Сирија: Војната е меѓубратски терор

Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека феноменот на учество на македонски државајни во војната во Сирија не може да се контролира, бидејќи патувањето до земјата е индивидуално, а не преку некоја институција, вели поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, Сулејман Реџепи, коментирајќи го загинувањето на дваесет и две годишниот скопјанец Алим Османи.

Тој е четвртиот граѓанин на Македонија кој загинал во сириската војна. Османи во Сирија заминал во јули и се борел на страната на силите против режимот на претседателот Башар ал Асад.

– Покритието е тоа, дека се солидаризираат со сирискиот народ кој сака да се ослободи од една невидена диктатура што се применува во Сирија, но веројатно има и сомнителни работи во тоа. Дали има поинаков мотив или интерес, тоа е веќе друга работа, можеме да претпоставуваме, меѓутоа не сме сигурни, оти не располагаме со факти и аргументи – изјави Реџепи за Радио Слободна Европа.

Тој не верува дека од верски побуди македонските државјани учествуваат во војната, бидејќи тогаш не би криеле дека заминале во Сирија и ниту еден од нив не се консултирал со ИВЗ.

Според Реџепи, војната во Сирија е интерен проблем и затоа не треба да во неа да се борат странски државјани.

– Наша порака уште од почетокот кога се појави еден таков феномен, ние како Исламска верска заедница сме биле против и до ден денешен сме против тоа, заради тоа што таму се прави меѓубратски терор и не знам дали има сега поента да и се помогне на една страна на штета на другата страна – вели поглаварот на ИВЗ.

Според неофицијалните информации, над стотина лица од Македонија, Србија, Косово, Албанија и БиХ учествуваат во војната во Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top