| четврток, 6 декември 2018 |

Холмс: Македонија е реформски пример кој треба да го следат соседните земји

ekonomskirast_1

Ким Холмс, основач на Индексот на економски слободи на американската фондација Херитиџ и Вол Стрит Журнал, кој ги рангира државите од светот според тоа колку ги почитуваат економските слободи, вели дека Македонија е пример кој другите балкански држави би требало да го следат ако сакаат да обезбедат економски успех, јавува дописникот на МИА од Вашингтон.

Според индексот, кој беше објавен вчера, Македонија е рангирана на 43 место во светот, односно 20 во Европа, а е прва во регионот на Балканот.

– Многу е важно кога една земја постапува правилно во поглед на економските слободи, да ја истакнеме како успешен пример, за и другите држави да можат и самите да видат што успева, а што не. Македонија значително се подобрува во изминатите години, особено во поглед на слободата на водење бизнис и на намалувањето на даноците. Ова е нешто што другите држави од Балканот би требало да го пресликаат, изјави Холмс на вчерашната презентација на Индексот во фондацијата Херитиџ.

Македонија добива високи оценки за отвореноста на пазарот, слободата за водење бизнис, ограничената Влада и особено се за нискиот долг и ниските даноци. Од четирите области кои ги оценуваат Херитиџ и Вол Стрит Журнал, единствената каде Македонија има слаби оценки се имотните права и нивото на корупција.

– Потребно е да се зацврсти владеењето на правото, имотните права и борбата против корупцијата, кои се главните слабости. Тоа влијае и врз другите индекси – ако странците не се сигурни дека ќе успеат да ги изнесат парите, или ако мораат да плаќаат поткуп, потешко ќе дојдат. Иако, во другите области кои ги спомнав, на Македонија и оди сосем добро, изјави Холмс.

Холмс вели дека Македонија е оценета високо благодарение на серијата пазарни реформи спроведени во изминатите години. На листата, Македонија се најде на истото 43 место како и лани, непосредно пред Шпанија, Полска и Унгарија, а веднаш зад реформската успешна приказна Латвија. Од регионот, Албанија ни е најблиску на 54 место, Бугарија и Романија се 61 и 62, Црна Гора е 68, Словенија 74, Хрватска 87, Србија 95, а Грција е на дури 119 место.

Извештајот го претставија претседателот на Херитиџ Џим ДеМинт, кој на социјалните мрежи ја наведе Македонија како еден од добрите примери на реформи во Европа, и сенаторот Ренд Пол. Главната критика на сенаторот Пол беше насочена кон веќе седумгодишното постепено намалување на рејтингот на САД, која за првпат во историјата на Индексот не е меѓу првите 10 најслободни економии во светот и има статус на делумно економски слободна земја, што Пол го наведе како причина за слабоста на економијата на САД.

– Економската слобода не е апстракција, нешто за што се разговара во филозофските кругови, бидејќи имаме 11 милиони невработени, највисока
стапка на данок на компаниите во светот, ја оданочуваме економијата со дури три трилиони долари и одземаме уште два трилиони со регулаторните обврски. Секоја година носиме по 200 регулативи кои нанесуваат штета од над 100 милиони долари, и тоа не ги ни изгласуваме во Конгресот, туку ги усвојуваме со бирократска директива. Конечно, државното преземање на здравствената индустрија, преку Обамакер, е сериозно губење на слободата на избор во САД, изјави сенаторот Пол.

На дебатата за Индексот беше истакнато уназадувањето на економските слободи во земји како Франција, Британија и Бразил. Како добри примери
кои се посветуваат на заштита на економските слободи беа посочени Хонг
Конг, Сингапур, Австарлија, Нов Зеланд, Чиле и Норвешка. Експертите на
Вол Стрит Журнал и Херитиџ препорачаа рамни и ниски даноци, намалување на регулативите кои ја ограничуваат економската активност, укинување на земјоделските и индустриските субвенции, укинување на законите за минимална плата и послободна светска трговија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top