Професионалните војници ќе бидат вработени во државните институции по завршувањето на нивнот ангажман – објави денеска премиерот Никола Груевски.
– Владата го задолжи Министерстворто за одбрана во рок од десет дена да изготви законско решение со кое ќе се исполни долгодишното барање на професионалните војници по завршување на нивната служба да бидат прераспределени на работа во државните институции. Согласно со нивните квалификации тие ќе бидат понатаму редовно вработени во Министерството за одбрана, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи или Министерството за земјоделство – Шумска полиција – додаде Груевски.
Според Груевски се работи за одлука која не била дел од ветувањата во нивната Програма, но решиле да ја реализираат бидејќи увиделе дека постои можност да се реши овој проблем. Владата, додава тој, на тој начин директно им излегува во пресрет на барањето на професионалните војници и дека иако не било ветено и предвидено во изборната прогарама сега ова барање ќе биде остварено.
Покрај ова Владата донесе одлука сите вработени во државните компании или компании со доминантна државна сопственост кои ја изгубиле својата работа заклучно со 2013 година да добијат надомест од државата. Со овие две клучни работи, кои премиерот ги соопшти на денешната пресконференција, ќе се реши статусот на над 7000 граѓани во државата. За оваа намена годишно ќе бидат одвоени 4 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.