| четврток, 6 декември 2018 |

Голема антитерористичка акција во Турција

Во антитерористичката операција во Истанбул турската полиција приведе десет лица и конфискува три бомби, карти и список со имиња на високи полициски и воени претставници, врз кои се планирале атентати.

Акцијата била насочена кон членови на терористички организации – Курдска работничка партија (ПКК), Револуционерна партија и фронт за народно ослободување (ДХКП-С) и Марксистичко-ленинистичка комунистичка партија.

Според турскиот весник „Заман“ неколкумина од приведените биле членови на Марксистичко-ленинистичка комунистичка партија и биле подготвени да извршат бомбашки напад. Од нив била одземена карта на голема полициска станица и список со имиња високи полициски и воени претставници. Во акцијата во Истанбул одземени се и фалсификувани лични документи.

Турската полиција денеска спроведува голема операција против терористичката мрежа Ал Каеда во неколку турски окрузи, при што се приведени голем број осомничени лица.

Акции се спроведени во окрузите Ван, Истанбул, Килис, Адана, Газиантеп и Кајсери. Меѓу приведените се и Ибрахим Шен, кој важи за втор човек на Ал Каеда на Блискиот Исток, како и еден од лидерите на турскиот огранок на терористичката мрежа, Халис Бајанџук.

Се претпоставува дека осомничените регрутирале и префрлале борци во Сирија, Авганистан и Пакистан и собирале пари и оружје за Ал Каеда во тие држави. Турската полиција упаднала и во канцеларијата на исламистичката фондација „Човекови права и слободи“ во Килис, на границата со Сирија.
Генералниот секретар на фондацијата Јашар Кутлуај изјави дека властите се обидуваат да ја претстават организацијата, како огранок на Ал Каеда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top