Насмеани и разџагорени, со работно искуство на ролерки, новите „клинци и клинцези“, премрзнати и зацрвенети во образите, ги откриваат убавините на лизгањето на мраз, а похрабрите се обидуваат да ги изведат фигурите од уметничко лизгање – пируети, аксели, „салати“, лизгање наназад. Паѓаат, стануваат, па продолжуваат со модринка повеќе на колкот. И се така во тактот на музиката. Родителите се тука-некаде, на дофатот на погледот, си прикажуваат во бифето, пиејќи чај, кафе, салеп, пиво…
Во тек е зимскиот распуст во основните и средните училишта во Македонија, па на лизгалиштето во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ затекнавме деца, но и возрасни кои изнајмуваат лизгалки. Некои едноставно и елегатно „летаат“ по мразот, други се придржуваат со пингвинот или мечето, ги учат првите чекори.
– За време на распустот имаме навалица од деца, но и возрасни. Доаѓаат заедно, изнајмуваат лизгалки и возрасните лизгаат заедно со децата. Имаме и инструктори, но возрасните кои лизгаат веќе знаат, па се присетуваат. Иако имаат и по 50 години и повеќе, знаат да лизгаат, некои од нив тренирале хокеј на времето, па не заборавиле да лизгаат – велат од СЦ „Борис Трајковски“.
Сезоната ја отвораат на 1 ноември и во зависност од временските услови лизгалишето е отворено до средината на април. Освен рекреативно лизгање на мраз, има и курсеви за уметничко лизгање и за хокеј на мраз. Тие тренинзи се во попладневните часови и ги водат професионални тренери. Девојчињата се повеќе заинтересирани за уметничкото лизгање, а момчињата за хокејот на мраз.
Во ерата на ролерките, скиите и даските за сноуборд, лизгалките не беа статусен симбол. Долго време имаше само едно лизгалиште, под Кале, а потоа се отвори и лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“. Оттогаш, барем кај скопјани се врати желбата да лизгаат на мраз.
– Доаѓаме редовно, децата лизгаат, јас отстрана ги гледам. Знам и јас да лизгам, ама вака ми е добро – вели една мајка.
Лизгањето во градот еволуирало од замрзнатото скопско езерце во Градскиот парк. Тогаш никој немал вистински лизгалки, туку се импровизирало. Се носеле високи чевли, а над нив штици кои се подесувало со штраф. Првото лизгалиште во Скопје е отворено во почетокот на седумдесетите години на минатиот век.
Првите лизгалки во Скопје ги донел некој Словенец, а потоа се појавиле во продавниците на тогашната „Македонија шпорт“. Ималомашки и женски, според големината и бојата и женските обично биле бели, а хокејските биле само за привилигираните. Нив почнале да ги носат од странство – од познатите соц-ексукрзии по Чехословачка, Полска, Русија родителите се враќаа со лизгалки на голема радост на своите деца.
Во доцните седумдесети години хокејот на мраз бил актуелен во Македонија. Во Скопје тогаш постоеле два клуба – Вардар и Скопје кои се натпреварувале во тогашната единствена Прва сојузна лига, а потоа и во Втората лига. Иако знаеле да губат и со 40 разлика од тогашните најдобри екипи од Словенија, Јесенице и Олимпија, сепак ќе остане забележано во аналите дека и на овие простори се играло хокеј. Во тоа време во Скопје се одржале и Ц-квалификации за Светско првенство, кога трибините околу лизгалиштето во Кале биле полни. Во почетокот на осумдесетите години и двата клуба се распаднале. Најпознати хокеари биле браќата Грчевски – Васко, Ѓорѓи и Блаже, потоа браќата Аиновски – Ристо, Павел и Перо, голманот Чупевски, бекот Ѓорги Ковачевски и други.
Александра М. Бундалевска
фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.