Изградбата на автопатската делница од Охрид до Кичево ќе стартува со почетокот на годинашната градежна сезона односно некаде во текот на март годинава и тоа на три локации истовремено, со цел забрзување на градежните активности, најави пратеникот Александар Николовски.
– Градежните работи ќе почнат истовремено на три локации за да може за само три години да биде изграден. Согласно договорот, 51 проценти од луѓето коишто ќе работат ќе бидат од Македонија односно од општините кои гравитираат кон решението и најмалку 49 проценти од изведувачите мора да се од Република Македонија што по нас ќе значи комплетно ангажирање на сета градежна оператива, имајќи го предвид капацитетот што го има Република Македонија, додаде Николовски.
Станува збор за современо автопатско поврзување на Охрид со Кичево, со модерна сообраќајница во две насоки со по три ленти. Во рамки на проектот се предвидени и тунел во должина од два километри, седумн поголеми и 14 помали мостови, четири вијадукти и останата пропратна инфраструктура.
Според Николовски, се разгледуваат и решенија за изградба на преостанатата делница од современо автопатско поврзување на Охрид со Скопје, односно делницата од Кичево до Гостивар, но и можностите преку финансиска поддршка од Светска банка да започнат активности за изградба на современ пат на магистралниот правец од Косел преку Охрид до Свети Наум, долж источно крајбрежје на Охридското Езеро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


