„Антиамериканскиот тероризам во Грција“ се верува дека ќе биде водечка тема во четврток на средбата меѓу грчкиот шеф на дипломатијата Евангелос Венизелос со америнаскиот државен секретар Џон Кери во Вашингтон, пренесува МИА. Сепак се очекува меѓу актуелните прашања, како претседателството со ЕУ, да се зборува и за спорот за името со Македонија.
Според Стејт департментот известува дека водечка тема ќе се наметне „антиамериканскиот тероризам во Грција“, додека грчките медиуми најавуваат дека ќе биде посветено време и за економијата и за спорните прашања како Кипар и името на Македонија.
САД се гневни откако за Божик побегна Христодулос Ксирос, терорист на грчката анархистичка организација „17 Ноември“, кој беше осуден на дури шест доживотни казни затвор за неговата вмешаност во серија крвави напади, при кои честопати цел беа и американските дипломати.
САД се уште ја сметаат „17 Ноември“ за терористичка организација. Групата е одговорна за убиствата на шеф на бирото на ЦИА во Атина, на американски воен аташе, заменик воен аташе и еден офицер, во периодот од 1975 до 1988 година, како и на британскиот воен аташе во 2000 година, на двајца турски дипломати и други странски претставници. Организацијата, чии членови ги обвинуваат САД и другите западни земји за поддршка на воената хунта во Грција, има ликвидирано и повеќе истакнати грчки политичари како Павлос Бакојанис, сопругот на Дора Бакојани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.