Традиционалните маски на зетот и невестата, глупиот Август, но и Субрата Рој, ревизијата на Букурешкиот договор, групната маска на позицијата и опозицијата, пензионерите на скијање, пензија за четврто дете, перење пари, но и вампири, принцези, снешковци… беа дел од карневалската поворка која денеска помина низ Вевчани. Традиционалниот вевчански карневал го отвори министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која посочи дека и натаму ќе бидат покровители на оваа манифестација која преставува македонски бренд во странство, но и наше културно и духовно богатство.
Игрите под маски годинава траеја четири дена, а во архаичниот амбиент на малите селски улички, со ритуални игри и пагански обичаи, централниот настан се одржа во понеделникот кога маскираните вевчанци од Горна и Долна маала, традиционално предводени од зетот и невестата, ѓаволот и глупиот Август, духовито, саркастично и иронично ги жигосуваат настаните и ги исмеваат политичарите и јавните личности кои со своите несовршени потези и однесување ја одбележале изминатата година во земјава и во светот. Василичарите уште еднаш потврдија дека ниту една власт не може, ниту смее да ги цензурира.
Два дена, од утро до вечер, во Вевчани се пие под маски. Но, штом на Василица сонцето зајде и се запали василичарскиот оган, криењето зад маски завршува. Во пламењата на огнот се фрлаат маските, како симболика дека со нив се уништува лошото, а василичарите така се прочистуваат од злите духови и со чиста душа влегуваат во Новата година
– Ако не пиеш, тогаш не доаѓај на Вевчанскиот карневал. Нема василичар што барем малку не е поднапиен. Затоа вевчанци викаат: „Имаме вино и ракија само до Василица“.
Штом пламењата на огнот среде село ќе ги голтнат карневалските маски, завршува уште еден, а почнува новиот Вевчански карневал. Театарот на отворено во најпознатото струшко село Вевчани, кој уште еднаш собра еден куп љубопитни странци, но и домашни љубители на вевчанската шега, не почнува со парадата на маски на Василица ниту, пак, завршува со нивното палење по 48 часа ѓурултии, иронија и сатира. Тој трае цела година. Вечерта маските ќе паднат, но веќе со утрото се раѓаат идеи за наредниот карневал. Се подготвуваат нови маски и се смислуваат нечуени шеги со кои меѓу себе ќе се надмудруваат василичарите.
Фото: Ѓ. Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.