| четврток, 6 декември 2018 |

Британски медиуми го споредија Оланд со Берлускони

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, е налик на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кога станува збор за жените и за љубовните врски, пишуваат британските весници, опширно занимавајќи се со најновиот
скандал во Елисејската палата.

Според „Дејли Телеграф“ откритието дека претседателот Оланд имал тајна љубовна афера со една француска актерка, додека седум години живее во невенчана, партнерска врска со новинарката Валери Трирливер, која сега ја има и улогата на „прва дама“ е типична, сочна француска афера, вкусна за занимавање на домашната и на светската јавност, како што е тоа францускиот кулинарски специјалитет „петел во сос од вино“.

Весникот наведува дека префрлајќи се од една на друга партнерка, Оланд наликува на Берлускони, во време на самитот Г8 во Италија, иако не се предвидува тој да ја заврши политичката кариера на ист начин. Оланд со своето „женкарство“ само ја продолжува традицијата на франацуските претседатели пред него.

Никола Саркози се разведе и се ожени повторно за време на извршувањето на претседателската функција, Жак Ширак имаше бројни афери и љубовници кои понекогаш ги вклучуваше во службените делегации, како актерката Клаудија Кардинале, а Франсоа Митеран пред смртта откри дека има 20- годишна вонбрачна ќерка, од долгата врска со друга жена.

„Дејли Мејл“ пак смета дека аферата со Оланд доби драматичен пресврт откако стана јасно дека сегашната невенчана „прва дама“ поради доживеан стрес е во болница. Весникот, меѓутоа, не ја сожалува актуеланата партнерка на претседателот, туку ја споредува со Марија Антоанета, тврдејќи дека Трирливер го заслужува она што сега и се случува.

Според овој лондонски таблоид, таа е „најозборуваната жена“ во Франција, затоа што го раздели Оланд од неговата долгогодишна невенчана партнерка Сеголен Ројал, угледна француска политичарка која беше претседателски кандидат во трката со Саркози за Елисејската палата, а особено откако се разбра дека таа влијаела Ројал да не биде избрана ниту за пратеник во својата изборна единица.

Аферата освен својата „скокотливост“ има и сериозна и политичка страна, забележуаат „Тајмс“ и „Индепендент“ оценувајќи дека Оланд кој и онака важи за непопуларен политичар, е доведен во многу понижувачка ситуација која може да предизвика и политичка криза во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top