| четврток, 6 декември 2018 |

Покренато обвинение за пожарот во Македонски Пошти

pozar-posta01

Шефот на кабинетот на директорот на „Македонска пошта“, Арменд Фазлиу, ќе одговара за предизвикување на големиот пожар во оваа државна компанија, кој, за среќа, заврши без човечки жртви. Една година по избувнувањето на пожарот, заврши истрагата и е поднесено обвинение за предизвикување тешко кривично дело против општата безбедност. По истекот на законските рокови, кога обвинението ќе стане правосилно, се очекува скопскиот кривичен суд да го закаже судското рочиште, пишува Утрински весник.

Според истрагата, причина за пожарот што избувнал во канцеларијата на шефот на кабинетот е човечки фактор. Пожарот избувнал во 16,30 часот во неговата канцеларија на првиот кат од зажарено тело. Во судска постапка ќе треба точно да се утврди како точно дошло до избувнување на пожарот – дали причината е цигара, решо или нешто трето.

Проценетата штета се проценува на околу еден милион евра, но во оваа сума не е влезено уништувањето на муралот на сликарот Борко Лазески, чија вредност треба дополнително да се утврди. Како еден од главните сведоци што треба да се појават во судницата се очекува да биде и директорот на „Македонска пошта“ и експратеник од ДУИ, Рафиз Алити. Кусо време по приведувањето на неговиот близок соработник, Рафиз Алити за медиумите изјави дека „апсењето е политички мотивирано“. Според Алити, многу пред да избувне пожарот неговиот шеф на кабинет бил надвор од „Пошта“. Тој обвини „дека невини луѓе од ’Пошта‘ лежат в затвор од политички причини или поради некоја хајка што некој ја води против вработените во ’Пошта‘“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top