| четврток, 6 декември 2018 |

Државни станови и за велешките социјалци

Во Велес годинава ќе бидат изградени две станбени згради за приматели на социјална помош, млади брачни двојки и за деца без родители.

– Двете згради, со кои ќе биде решен проблемот на поголем број велешани од социјалната сфера и млади брачни двојки, се планира да бидат изградени во горниот дел на касарната Алексо Демниевски – Бауман – истакна Марјан Стефановски, директор на подрачната единица на Претпријатието за стопанисување со станбен и деловен простор.

Според него, велешката подружница веќе побарала од претпријатието за станбен и деловен простор изградба на двете згради. Директорот Стефановски очекува годинава да се реализира и распределбата на двата државни стана наменети за деца без родители со кои располага подружницата. За нив ќе решава надлежна комисија на државно ниво.

Се очекува изградбата да почне во средината, а становите да бидат готови до крајот на оваа или во првата половина на идната година. Со нивната изградба ќе биде решен проблемот на поголем број приматели на социјална помош, деца без родители и млади брачни двојки.

Според директорот Стефановски, се поголем број граѓани со ниски примања, кои користат државни станови, пројавија интерес за нивни откуп. Им одговоривме дека иако нивните договори се истечени, се уште чекам насоки од надлежното Министерство за транспорт и врски и дека во најскоро време ќе биде решено дали ќе ги откупуваат или пак ќе бидат продолжени договорите за закупот како и досега.

Инаку, пред четири години во населбата Тунел 2 во Велес, беа предадени три станбени згради со над 300 станови за социјални случаи и лица со ниски лични примања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top