| четврток, 6 декември 2018 |

Ердоган воведува цензура врз интернетот

erdogan

Турската влада планира уште построго да го контролира интернетот во земјата и да ги блокира несаканите страници. Меѓу граѓаните и во парламентот повторно расте незадоволството.

Министерството за семејство и социјала предложи закон со кој на властите ќе

им биде дозволено да забранат одредени интернет страници, како и да ги чуваат информациите за сите посетени страници на интернет корисниците во период од две години.
„Досега постоеше ограничување на понудата која се сметаше за илегална. Страниците кои промовираат детска порнографија, игри на среќа, проституција, итн. беа забранети“, вели Јаман Акдениз од Универзитетот Билги во Истанбул. Но, сега владата се обидува да ја прошири забраната и на случаи на нарушување на приватноста или лични напади. Така на пример, во иднина би можел да бидат забранети и видеа во кои се напаѓаат пратеници на владејачката АКП партија.
„Во такви случаи ќе може да се аргументира дека постои напад врз личноста, доколку истата не дала согласност за објавување“, вели Акдениз.
И во моментов постојат строги ограничувања на интернетот во Турција. Во 2007. беше блокирана комплетната понуда на „Јутјуб“ во период од 18 месеци. Во 2012. Европскиот суд за човекови права оцени дека законот е во спротивност со Европската конвенција за човекови права која ја гарантира слободата на говорот. Во моментов, според проценките, во Турција се блокирани околу 40 илјади интернет страници.
Контрола на социјалните мрежи
Владините аргументи дека на овој начин се заштитуваат корисниците, пред сѐ децата, ги отфрлаат активистите за слобода на интернетот како Ахмет Сабанчи. Тој тврди дека владата по големите протести во паркот Гези минатата година, се обидува да ја ограничи слободата на говорот. По големиот корупциски скандал кој изби на крајот на минатата година, таквите обиди се уште посилни. Владата ја презеде контролата врз традиционалните медиуми, а сега се обидува тоа да

го стори и со социјалните мрежи.
„Со предложените законски измени владата ќе може да блокира и одредени Фејсбук или Твитер профили. Со тоа цензурата ќе биде уште посилна. Премиерот Ердоган веќе ги прогласи социјалните мрежи за закана за општеството“, вели Сабанчи.
Критичарите велат дека Турција се обидува да инсталира систем на цензура сличен на кинескиот. Портпарол на владината АКП ги отфрла таквите инсинуации.

„Турција не е Кина и во однос на оваа тема никогаш нема да биде како Кина“. Тој додава дека мора да се најде начин законски да се уредат социјалните мрежи и интернет-медиумите.
Освен со протестите на јавноста поради новото законско решение, турската влада повторно ќе мора да се соочи и со правни последици на ниво на Европа. Активистот Ахмет Сабанчи најавува дека доколку биде изгласан законот ќе поднесе тужба до Европскиот суд за човекови права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top