| четврток, 6 декември 2018 |

Највредните македонски дела во првата е-библиотека

makedonika

Првата и единствена е-библиотека со дела од македонски автори започна со работа. Со едноставно и бесплатно зачленување на сајтот www.makedonika.mk имате пристап до дела од нашите преродбеници, македонските класици, одбрана детска литература, како и до многу дела од наши современици.

Ова е единствена е-библиотека од овој вид во светот каде може да ги прочитате делата на Славко Јаневски, Матеја Матевски, Анте Поповски, Александар Прокопиев и многу други.

Сите е-книги се бесплатни и се објавени во посебен формат, за што е развиен врвен софтвер. Фондацијата за зачувување на македонското културно наследство Македоника стои позади овој проект од најголем национален интерес.

Директорката на Македоника, Камелија Спасова вели дека досега се објавени околу 70 книги.

-Се трудиме секој ден да објавуваме по една книга, што значи ќе има 365 книги во една година. Во моментов повеќе се објавуваат детски книги и лектири, но речиси рамномерен е бројот на објавени книги со поезија, проза, романи, класици, историски книги. Воедно во оваа е-библиотека се објавуваат и книги на млади писатели, кои досега немале можност на друго место да ги објавата своите дела, изјави за Курир Спасова.

Придобивките се многубројни: од зачувување на сите дела што се од напроценлива важност за македонскиот јазик и македонската нација, преку обезбедување бесмртност на највредните дела од современата македонска литература, па сè до објавување на дела од нови автори за кои јавноста допрва ќе дознае.

”Книга на ден” е мотото со кое Македоника се обврзува на своите читатели да им подари нова е-книга секој ден во годината. Бесплатна и достапна за сите.

Мисијата на Македоника е да се поттикне читањето кај сите генерации независно дали се наоѓаат во својата матична земја, дали се малцинство во некоја соседна држава, или се дел од милионската дијаспора.

Директорката на Македоника додава дека со секој изминат ден на оваа е-библиотека има се поголем број на регистрирани корисници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top