Британскиот војник Дарил Арчер (26) е уапсен од полицијата на најголемиот лондонски аеродром „Хитроу“ откако било откриено дека со себе носи пет килограми кокаин.
Војникот е на служба во касарната во Колчестер, во англиската област Есекс, како припадник на единицата за логистичка поддршка.
Во соопштението на лондонската полиција се вели дека Арчер е уапсен при враќањето од одмор во Бразил. Не се знае дали кокаинот го набавил таму или, пак, во Бразил бил донесен од некоја од јужноамериканските земји. Засега не се знае ниту дали војникот бил само пренесувач на дрогата за потребите на лондонското криминално подземје или, пак, е дел од некоја шверцерска мрежа.
Пред крајот на овој месец овој припадник на британската армија ќе биде изведен пред суд во Лондон, под обвинение за илегално пренесување дрога од прва категорија. До судењето Арчер ќе остане во притвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.