| четврток, 6 декември 2018 |

Светска банка обезбеди средства за реализација на инфраструктурни проекти во Охрид

Општина Охрид со средства обезбедени преку кредит од Светската банка планира да реализира повеќе проекти во областа на инфраструктурата, предвидени со плановите за работа на одделните сектори и одделенија за тековната година.

Градоначалникот Никола Бакрачески појасни дека се работи за инвестиции во реконструкција и изградба на улици и сообраќајници, атмосферски канализации, водоводни системи, реконструкција на образовни објекти, односно за проекти предвидени да задоволат одредени фундаментални потреби на граѓаните.

– Досега општина Охрид немала постапка што би била блиску до создавање услови за добивање кредит од Светската банка, од проста причина што досега немало изработени издржани проекти. Светска банка одобрува средства за конкретни проекти, целосно сработени и со обезбедена целосна потребна документација. На општо задоволство на сите граѓани на Охрид, можам да кажам дека најголем дел целосно комплетирани проекти веќе се предадени до Светска банка, со исклучок на два-три проекти чија финализација е во тек – рече Бакрачески изразувајќи уверување дека за сите предвидени проекти за 2014 година ќе бидат обезбедени потребни финансиски средства.

Бакрачески нагласи дека средствата што се добиваат од Светска банка не подлежат на регулативата за тендерски ограничувања во изборен процес, така што најави дека веќе од март годинава општината ќе ги спроведе потребните процедури за почетокот на реализацијата на проектите да биде некаде во јуни.

Станува збор за средства во износ од околу два милиони евра, обезбедени со гаранција на Министерството за финансии, според Бакрачески, обезбедени под поволни услови, со период на отплата од пет години и грејс-период од една година.

Конкретно, со тие пари е предвидено целосно да се реконструира улицата „Ристо Чадо“, две кружни сообраќајни решенија на крстосници на булеварот „Туристичка“, патот кон Рача, кон Лескоец, патниот правец Косел – Вапила – Ливоишта, улиците „Прва ударна македонска бригада“, како и повеќе улици низ населените места кои, според анкета кај граѓаните, се определни како приоритетни.

– Ќе пристапиме и кон изградба на водоводни мрежи Елешец – Елшани, во селата Лескоец и Велгошти, атмосферска канализација во Воска и Далјан, реконструкција на централната градинка и градинката „Развигорче“, сѐ на сѐ реконструктивни зафати во инфраструктурата во атмосферската и фекалната канализациска мрежа – додаде Бакрачески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top