| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ го демантира Заев за разговорите за името во Брисел

sdsm

Прес-центарот на СДСМ го коригираше претседателот на партијата откако во јавноста излегоа критики дека Заев и неговата заменичка Радмила Шекеринска  договарале со Филе можни решенија за името, пишува „Дневник“.

– Побаравме од ЕK да го искористи грчкото претседателство за подиректно да се вклучи во решавање на долгогодишниот проблем. Предложивме неколку идеи како би можело да се случи тоа, за секако да конвергираме до конечната цел, да се најде решение – рече Зоран Заев по средбата со еврокомесарот Штефан Филе, информирајќи за тоа што се разговарало на состанокот.

Од прес-центарот на партијата го поправија својот лидер тврдејќи дека на средбата не се зборувало за детали за преговарачкиот процес за спорот со името.

Foto Novogodisno obrakanje na Zoran Zaev

– На средбата воопшто не се разговараше за какви било детали поврзани со преговарачкиот процес за проблемот што Грција го има со нашето уставно име, што е логично бидејќи опозицијата не учествува во тој процес – велат од прес-центарот на СДСМ.

– За тоа која од двете, очигледно контрадикторни, изјави е порелевантна за самата партија – онаа на лидерот Заев, со која тврди дека дури и конструктивно со идеи разговарал во Брисел за името среде Божик (да не споменуваме дека Заев изрази големо задоволство од разговорите), или онаа на прес-центарот, која се обидува да го скрие фактот дека опозицијата преговара со странци за името, победува прес-центарот, пишува „Дневник“.

„Дневник“ ги праша социјалдемократите која од овие контрадикторни изјави за нив е релевантна. Оттаму одговориле дека меѓу двете изјави не постои разлика, за потоа во продолжение да се наведе одговорот во кој зборовите на Заев „проблемот за името поврзан со Грција“ да се преточат во оние од прес-центарот „барање за поголемо вклучување на ЕK кое во суштина значи поголем ангажман на ЕУ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен процес, вклучително и во поглед на добрососедските односи“.

– Дека биле во право оти е „вистинска“ изјавата од прес-центарот, а не онаа на лидерот Заев во која тој вели дека дал и неколку идеи за спорот со Грција, доказ било тоа што и во соопштението од ЕK за средбата во идентичен контекст се споменати темите на ургентни реформи во земјата во веќе познатите области – пишува „Дневник“.

Според „Дневник“, од СДСМ немаат одговор зошто нивниот лидер, веднаш по средбата со Филе, би изјавил дека се разговарало и за вклучување на ЕУ во преговорите со Грција за да се дојде до решение, ако тоа не било воопшто споменато. Всушност, пишува „Дневник“, прес-центарот на СДСМ еден ден по средбата се обиде да ги прикрие изјавите на Заев со толкување за тоа што значеле неговите идеи кои во контекст на долгогодишниот проблем му ги споменал на Филе.

Заменичката на Заев, Радмила Шекеринска, во изјава за „24 Вести“ вели дека не се зборувало за името отфрлувајќи ги обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека таа и Заев ги нарушиле позициите на Македонија во спорот со Грција.

– СДСМ, ниту која било друга партија, освен владејачката, не учествува во преговорите околу разрешувањето на спорот со Грција. Во согласност со тоа, ниту можеме ниту треба да лицитираме со предлози кои влијаат на процесот. Апсолутно е неточно дека влеговме во кој било детал од преговарачкиот процес – рече Шекеринска за „24 Вести“.

Спротивно на ова, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за ТВ НОВА, истакна дека на средбата со Филе се разговарало за името.

– Повеќе од времето разговаравме за внатрешнореформскиот процес, а еден дел, исто така, разговаравме на наша иницијатива и барање за нивно директно и уште позначително вклучување во решавање на проблемот којшто нашата земја го има со Република Грција, а тоа е проблемот со името. Разговаравме на начини на којшто би можело пополека да се отвори дијалог, кој, за жал, постои формално, а не суштински. Тоа го побаравме од причина што реално треба да се искористи претседателството на Грција со ЕУ – вели Заев за НОВА ТВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top