Актуелниот директор на „Македонија пат“, Гајур Кадриу, добил ќотек по вчерашниот настан на Градежниот факултет, каде што присуствуваше и премиерот Груевски и неколку владини министри, јави „Пресс24“.
Според информации од полицијата, инцидентот во холот на факултетот го почнал професорот Вулнет Палоши од Тетовскиот универзитет, кој беше и директор на Фондот за патишта во владата на Љубчо Георгиевски и на ДПА.
Палоши со клоци и со тупаници почнал да го удира актуелниот директор на „Македонија пат“, кој е од редовите на ДУИ, а во нападот му помагал и неговиот син, велат изворите од полицијата.
За да биде поинтересно, токму Палоши на свеченоста по повод 45 години од основањето на Друштвото за патишта на Република Македонија доби и посебно признание за својот придонес.
Директорот на „Македонија пат“ по инцидентот бил пренесен во Градската болница, каде што се констатирани полесни телесни повреди.
Полицијата работи нa целосно расчистување на случајот.
На вчерашната свеченост Груевски најави инвестиција од околу една милијарда евра во патиштата. Палоши важи за остар критичар на владата по прашањата за инвестициите во инфраструктурата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.