Во извонредно интересна НБА програма од 12 натпревари, имаше многу пресврти, драма и победнички поени со звукот на сирената.
Детроит пистонс ја прекинаа серијата на Сан Антонио од 11 меча без пораз, Лос Анџелес лејкерс направија мега-пресврт и го совладаа Шарлот хорнетс, иако губеа и со 20 поени разлика, а поединечно во ноќ на одлични поединци се истакнаа Гревис Васкез со прв трипл-дабл во кариерата, Кармело Ентони со 36 поени, Џејмс Харден со 35 поени и Руди Геј со кош за продолжение во последната секунда.
Најзабавниот момент на ноќта беше во режија на Леброн Џејмс, кошаркар што дава 30+ поени, четвртипат во низа. Мајами ги победија Лос Анџелес клиперс со 111-89, а Џејмс си поигра и со противниците и со публиката. Во еден момент баскетот летна надвор од теренот, а момчето што ја врати топката, беше изненадено со повратна асистенција од Леброн. Тој беше и забавен и ефикасен и со 30 поени го расипа кам-бекот на Блејк Грифин и Крис Пол кај Клиперси. Ефектот им беше слаб и заедно искомбинираа само 18 поени, од кои Пол даде прескромни 3.
Изненадување направи Детроит со победа над Сан Антонио, екипа што ја заврши серијата од 11 успеси. Без Тим Данкан гостите загубија со 109-119, иако Тони Паркер беше извонреден со 31 поен. Кај домаќините Грег Монро забележа 26 поени и 16 скока.
Најдраматично беше на дуелот меѓу Индијана и Торонто, а гостите на двапати се враќаа од неверојатни ситуации и на крајот славеа со 100 -98 по едно продолжение. Најпрво Амир Џонсон беше побрз од звукот на сирената и донесе продолженија (90-90), а потоа во дополнителното време Руди Геј на 1,7 секунди до крај даде кош за победа на Торонто. Индијана ја заврши импресивната серија од 15 победи на домашен терен.
Убава вечер имаа и кошаркарите на Њу Орлеанс во Атланта. Го победија домаќинот со 111-110, а Грејвис Васкез за првпат во кариерата забележа трипл-дабл. Бекот од Венецуела имаше учинок од 21 поен, 12 асистенции и 11 скока.
Подвиг направија и кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс со пресврт и победа над Шарлот, иако губеа со 20 поени разлика. Коби Брајант беше иницијатор на пресвртот, а мечот го заврши со 20 поени, 8 прецизни додавања и 7 скока.
Резултати: Шарлот – Л.А лајкерс 93-100, Индијана – Торонто 98-100 (п), Вашингтон – Бруклин 89-74, Кливленд – Орландо 119-108, Атланта – Њу Орлеанс 100-111, Детроит – Сан Антонио 119-109, Оклахома – Феникс 127-96, Хјустон – Портланд 118-103, Мемфис – Голден стејт 99-93, Мајами – Л.А. клиперс 111-89, Минесота – Њујорк 94-100, Јута – Чикаго 89-93.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


