Место во октомври, како што досега традиционално се одржуваше, фестивалот на забавна музика „Макфест” годинава ќе се одржи последната недела од мај, а за ова 29. издание на настанот се предвидени многу новини, пренесува локалниот веб-сајт „Во штип“.
Главен покровител на фестивалот ќе биде Министерството за култура, кое ќе ги обезбеди и наградите, а тие ќе бидат со иста вредност како на „Скопскиот фестивал“. Победничката мелодија ќе добие 20.000 евра, второпласираната 15.000, а третопласираната ќе биде наградена со 10.000 евра. По 3.000 илјади евра ќе бидат наградите за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап. На минатогодишното издание на „Макфест” првата награда изнесуваше 60.000 денари, втората 45.000, а третата 30.000 денари.
Kонкурсот за избор на композиции за „Макфест 2014“ беше објавен пред десетина дена, на 27 декември, и ќе трае три месеци. Паралелно, штипската локална самоуправа, како носител на фестивалот, распиша и конкурс за директор, уметнички директор и за технички директор на „Макфест”.Фестивалот се враќа и на старата шема со две полуфинални и една финална вечер. Избраните композиции ќе бидат изведени во живо, со придружба на Ревискиот оркестар на МРТ.
– Општината успеа да го спаси фестивалот. Во 2009 година долгогодишниот генерален спонзор „Фершпед“ се откажа, па грижата за финансирањето комплетно падна врз локалната самоуправа. Во 2011 и во 2012 година организацијата се доделуваше по пат на конкурс, а лани општината целосно го презеде фестивалот, за што од буџетот издвои 40.000 евра. Сега, како манифестација од национален интерес, „Макфест“, конечно, добива сериозна финансиска поддршка од Министерството за култура – истакнува Драган Ристов, шеф на прес-центарот на фестивалот.
На досегашните 28 фестивалски изданија се создадени и изведени околу 1.000 композиции, од кои многу станаа хитови што и денес се слушаат. Но сега „Скопскиот фестивал“ ќе се одржува наесен, а „Макфест” ќе оди со пролетен термин.
– Мај е необичен термин за ваков фестивал, но ќе видиме како ќе биде. На двете полуфинални вечери ќе бидат изведени по 20 композиции, од кои по десет ќе одат во финалето – вели Kирил Панајотов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.