
„Госпоѓа министерка“, „Сомнително лице“, „Изгубени Германци“, „Животот на Молиер“, „Свадбата на Фигаро“ и „Вечната куќа“ се претставите што во 12 термина ќе бидат изведени на сцената во новиот објект на Македонски народен театар.
„Сомнително лице“на 15 март годинава ќе заокружи цели седум години живот на сцена. Две години помалку во истиот месец ќе прослави „Госпоѓа министерка“ на Наташа Поплавска.
Периодов во МНТ, како што објави „Дневник“, е фокусирање на приспособувањето на претставите на новата сцена. Директорот Дејан Лилиќ вели дека ќе бидат особено внимателни во тој процес за претставите да не ја загубат својата вредност.
– Старите претстави треба да се приспособат според нивната уметничка потреба, да не се избега до нивната поента, да не им се чепка во суштината. Тие се такви какви што сме ги поставиле на сцена во текот на годините. Не се брзаме. Во текот на годината постепено ќе ги редизајнираме претставите, но многу внимателно и, секако, во согласност со нивните режисери. Таму каде што можеме, ќе ги подобриме технички, но тоа да не биде по секоја цена – вели Лилиќ.
Тој додава дека во наредниот период ќе биде обновена и „Падот и подемот на кабарето“ на Владимир Милчин.
– Од „Вечната куќа“ сме презадоволни. Сите 12 претстави што ги игравме во декември беа распродадени. Засега влезницата ќе остане 300 денари и не би ја менувале. Ние сме народен театар и не треба да глумиме елитизам, сепак треба да се има реална слика за куповната моќ на граѓаните. Вратите треба да ни бидат ширум отворени и мисија да ни биде да имаме што помногубројна публика, театарот да заживее. Ме радува што уште на првата претстава се гледа изменет однос на публиката кон театарот. Луѓето си го доживуваат како посвечен чин и кога сте на сцена, многу е убаво кога ќе погледнете во гледалиштето – вели Лилиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“


