Проработеа суетите на двајцата Ол-стар кошаркари на Лос Анџелес лејкерс, Коби Брајант и Двајт Хауард, а причината е банална, повредата на популарниот „Супермен“ Хауард. Тој паузираше 3 меча поради повреда на рамото, а враќањето беше катастрофално. Лејкерс загубија од вечниот ривал Бостон со 21 разлика (95-116).
Коби реагираше нервозно велејќи дека „тимот нема време да го чека Хауард и дека рехабилитацијата трае предолго“.
Хауард даде само 9 поени во кам-бекот против Бостон, а двете звезди на тимот се како „рогови во вреќа“. Соработката им е неочекувано лошо, па иако сите очекуваа Лејкерс да бидат на врвот, тимот моментно е надвор од позициите што водат во плејофот на НБА.
Запрашан да ги коментира изјавите на Брајант, ниту Хауард не остана должен.
– Тој не е доктор за да кажува колку долго ќе трае рехабилитацијата. Ниту јас не се разбирам во медицината, си има стручни лица и јас го почитувам нивното мислење и третман – рече центарот на тимот од Лос Анџелес.
Со негативен биланс од 23 победи и дури 27 порази, Лејкерс се на 10. позиција во западната конференција на НБА. Само првопласираните 8 екипи ќе играат во доигрувањето за титулата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.