„Годинава ќе вежбам повеќе… Ќе внимавам и на исхраната“ – работи што си ги кажуваме секој први јануари. Но, сите диети и здрава исхрана можат да почекаат до крајот на месецот. Ова се празниците кога трпезата најмногу тежи од храна, а на тоа ретко може да му се одолее.
Иако во текот на целата година тие се трудат околу својот изглед, Димитар Атанасовски и Симона Николовска,едни од најпопуларните и најомилени телевизиски водители во моментов, едвај ја чекаа божикната софра.
Симона: Со нетрпение чекав да каснам од месеното лепче, посните сарми, печена риба, пита… Сѐ ми е вкусно бидејќи сѐ е домашно , подготвено со многу љубов. Во принцип, јас повеќе се грижам за комплетниот изглед на божикната трпеза отколку за делот со подготовка на храната. Тоа ѝ го оставам на мајка ми, проверено и најдобро. Секако, кога треба и околу тоа помагам колку што можам , еве оваа година јас бев таа што го замеси бадниковото лепче со париче.
Д. Атанасовски: Бидејќи живеам сам, знам да готвам, знам да свиткам и по некоја сарма, меѓутоа не се мешам за време на овие празници во нешто што ѝ е специјалност на мајка ми.
Сепак, Божик е многу повеќе од сармите, подварокот и баклавата. Како човек што го почитува духовното и е голем верник, за пејачот Димитар Андоновски ова е еден од најубавите христијански празници.
Д. Андоновски: Кој може да остане рамнодушен на ваквата чудесна пројава на Божјата милост! Божик е еден од најголемите христијански празници. Празник кога логосот на отецот неизменливо стана тело од духот свети и дева Богородица и станува посредник меѓу бога и луѓето. Колку голема и неискажлива тајна! Оваа година Божик го празнував во Бигорскиот манастир, на прекрасната богослужба меѓу монасите и мојот духовен татко отецот Партениј.
Празнувањето на раѓањето Христово е голем ден за Симона и за нејзиното семејство.
Симона: Со оглед на тоа што во текот на целата година сите сме окупирани со работа, обврски, патувања , убавата атмосфера во топлиот дом е добре дојдено. По раѓањето на мојата внука овие моменти се порадосни од кога било бидејќи таа е во центарот на вниманието. Имаме ритуал да одиме в црква, па потоа го собереме целото семејство покрај богатата божикна трпеза , едноставно уживаме во домашниот спокој и хармонија.
За водителот Димитар овој празник е, пред сѐ, сплотување на фамилијата и зачувување на традицијата.
Д.Атанасовски: На овој празник се собира семејството, нешто што за мене, поради работните обврски, ретко се случува, се јаде вкусната храна на мајка ми и се ужива во големината на овој христијански празник. Потекнувам од православно христијанско семејство и сум воспитуван така, па затоа многу повеќе се радувам кога се празнуваат божикните празници отколку Нова година.
Водителите Симона Николовска и Димитар Атанасовски, како и пејачот Димитар Андоновски не се случајно одбрани во оваа комбинација, тие имаа и повеќе од успешна година.
Д.Андоновски: Годината што измина за мене е една од најуспешните години. Остварив многубројни награди,Гран-при на меѓународниот фестивал „Езерски бисери“, награда за радиски хит отпеан од машки вокал на радискиот фестивал „МАРС“, трета награда на Скопскиот фестивал за темата „Ако ме боли“ и, се разбира, како еден од најголемите настани би го одвоил велигденскиот концерт, кој беше организиран од страна Бигорскиот манастир во Универзална сала, заедно со Македонската филхармонија.
Искрено, сѐ што го имав поставено како цел го остварив. Тие успеси не би биле комплетни ако не беше мојот тим, продукција „Горила“ и Лазар Цветкоски, човекот што ги направи најголемите хитови за мене. Се надевам дека и 2014 година ќе ми биде исполнета со многу активности, настапи и успешни проекти.
Симона: Помина една успешна 2013 година. Кога ќе се вратам наназад , се редеа успеси на секое поле и многу сум задоволна. Како на професионален,така и на приватен план, иако остана уште некој план што ќе биде реализиран во 2014 година. Подготовките за бранење на мојот магистерски труд се при крај така што тоа е прво нешто на списокот, кое мора да се реализира. Ќе се потрудам во оваа 2014 година да донесам правилни одлуки за мојата кариера, да работам напорно и ефикасно да ги извршувам своите обврски, како и досега. Работата ми е во преден план за 2014 година.
Д.Атанасовски: Заедно со Ема станавме сопственици на нешто што за мене е ново и интересно, „Идеја лаб“. Ќе ја паметам по успешноста на проектот „Сите наши песни“, ќе ја паметам по многуте професионални ангажмани и успеси. Имаше и некои неуспеси, како на приватен така и на професионален план, но тоа не ме разочарува, туку напротив… Учам нови работи и гледам како да се поправам во иднина…
Планирам многу работи… Нов момент во 2014 година ми е и учеството во „Танц со ѕвездите“, па целта ќе ми биде да останам што повеќе во ова шоу… Имам уште неколку работи што сакам да ми се остварат, но не сакам ништо да откривам за да не се урочам.
Пишува: Марина Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се роди Илина, ќерката на Сара и Димитар (ФОТО)
-
Божикната пиеса „Новиот цар“ од Томислав Османли објавена во пресрет на Божик
-
Подгответе се навреме: За Бадник и Божик треба да се врати се што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале
-
Славењето Божик во Северна Кореја е опасно по живот