Втора година по ред продажбата на цигарите во Франција се намалува, многу повеќе отколку во 2012 година. Во 2013 година продажбата се намали за 7,7 отсто, а претходната година намалувањето беше од нешто помалку од пет проценти. Оваа драстично намалување на продажбата доаѓа по стабилизацијата на пазарот меѓу 2005 и 2011 година.
Економскиот весник „Лес Екхо“ анализира дека ова намалување се должи на постојаното покачување на цената на цигарите, посебно во последните неколку месеци, пренесува МИА од Париз. Тутунската индустрија ги зголеми цените на цигарите, за да го надополни покажувањето на ДДВ-то.
Во Франција, 80 отсто од цената на тутунот и цигарите се разни видови даноци и такси, 8,74 проценти е кај продавачите (кои имаат специјални лиценци) и остатокот оди кај тутунската индустрија.
На 13 јануари цената на кутија цигари ќе се зголеми за 0,20 евра, со што една кутија „Марлборо“, која е најскапа, ќе се продава за седум евра, наместо 6,80 евра досега. Во 2009 година, цената на една таква кутија беше 5,35 евра. Ова е трето покачување на цените за 15 месеци, по поскапувањето од 40 центи во октомври 2012 и 20 центи во јули 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


