Зајакнување на доларот, а слабеење на еврото и на јенот- ова се прогнозите на меѓународните финансиски експерти за движењето на светските валути во 2014-тата кои ги пренесе алфа.мк .
Во првата половина од годината на пазарот се очекува раст на американската валута во однос на еврото за околу 8%, бидејќи федералниот резервен систем започнува да го намалува обемот на печатење пари.
За европската валута се очекува слабеење. Повеќето финансиски експерти сметаат дека малку преценетото евро во наредните месеци може умерено да поевтини. Еврото го поддржува обновувањето на економскиот раст во Европа, затоа силни движења на курсот на оваа валута во однос на доларот не треба да се очекуваат.
И јапонскиот јен со голема веројатност ќе продолжи да слабее. Лани падна за речиси 25% во однос на доларот со што јапонските финансиери значително ја зголемија атрактивноста на својот извоз и ја подобрија финансиската кондиција на водечките корпорации. Оттука, експертите очекуваат Токио да го продолжи курсот за слабеење на својата валута и годинава.
Од друга страна, на курсот на рубљата позитивно влијание ќе има забавувањето на темпото на инфлација и забрзувањето на економскиот напредок, а вредноста на руската валута ќе се одрази и на цената на нафтата и на гасот.
Она што е карактеристично за 2014-тата е верувањето дека од пазарот ќе почнат да исчезнуваат виртуелните валути кои фигурираат во меѓународната криминална хроника.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.