Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски денеска присуствуваа на централното одбележување на Рождеството Христово-Божик во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан богослужеше Златоустова литургија.
Иванов, Вељаноски и Груевски по завршувањето на литургијата на граѓаните со православна вероисповед им го честитаа Божик и им посакаа здравје, радост, среќа и личен просперитет.
– Сакам на сите православни христијани да им го честитам овој голем празник Рождество Христово-Божик и да си посакаме на сите многу здравје, радост, среќа, но и многу просперитет на секој поединец и на целата наша татковина. Овие празници се момент кога посакуваме се најубаво и оваа сплотеност што ја имаме за време на празниците да ја имаме во текот на целата година, да си помагаме меѓу себе, да бидеме солидарни. Секој кој има потреба од помош да му помогнеме и на секого да му посветиме внимание. Христос се роди, навистина се роди, за многу години, рече претседателот Иванов.

Претседателот на Собранието, Вељаноски на граѓаните им посака здравје, среќа, успех, а на Република Македонија- мир, стабилност и просперитет.
– Според мене, најбитно е тоа да бидеме сплотени како што сме на овој голем христијански празник, да бидеме сплотени и во семејството и во државата затоа што само сплотени можеме сите премрежија и сите искушенија на кои наидуваме во текот на животот да ги надминеме. Христос се роди, навистина се роди, рече Вељаноски.

Премиерот Груевски посака многу здравје, спокојство, мир, благосостојба и нови работни места повеќе отколку во која било друга година претходно.

Иванов, Вељаноски и Груевски по литургијата присуствуваа на Божикната трпеза, која ја организираше поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан, а се одржа во кабинетот на архиепископот.
По повод Божик, г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упатија Божикно послание во кое им поскауваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со радосниот и торжествен поздрав – Христос се роди!
Литургии по повод Божик денеска се одржаа во сите православни цркви во земјата и во странство.
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


