Софија ќе има споменик на цар Самуил наесен, објави порталот „Либертас“. Иницијативата е дел од програмата за одбележување на 1000 години од смртта на претпоследниот владетел на Првата бугарска држава, објави бугарскиот весник “24 часа”.
Споменикот ќе биде изграден со средства на фондацијата “Бугарско сеќавање” на д-р Милен Врабевски, кој во 2013 година ја доби наградата на Европарламентот за европеец на годината.
-Чекаме главниот архитект да предложи соодветно место во центарот, на кое ќе биде поставен споменикот. Идејното решение ќе биде избрано на конкурс. Статуата на владетелот треба да е убава и разбирлива за луѓето. Споменикот треба да биде поставен до крајот на септември, изјави д-р Врабевски.
Тој е категоричен, дека треба да се направи се што е возможно, до октомври кога ќе биде одбележана годишнината, во Бугарија да се вратат и останките на цар Самуил, на Гаврил Радомир и Иван Владислав, кои се наоѓаат во солунскиот музеј за византиско уметност.
Тие се откриени во 1969 година од грчкиот професор Николаос Муцопулос на остров Св. Ахил во Преспанско езеро. Трите камени саркофази и денес може да се видат на островот кај остатоците од средновековната православна базилика.
-Уште пред 6 години грчката страна изрази готовност да ни ги предаде останките на цар Самуил и неговата плаштаница, вели д-р Врабевски. Тој смета дека нивното враќањето треба да се спроведе со највисокои воени почести, а потоа да бидат положени во криптата на “Св. Александар Невски”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.