Со авантурата „Перси Џексон…“ во режија на Крис Колумбус од 2010 година, со Логан Лерман, Пирс Броснан и Ума Турман во улогите, Кинотеката на Македонија сленава среда ќе го почне годинашното „Ново кино утро“. На програмата се филмови за деца и млади кои ќе бидат прикажувани од 12 часот и ќе имаат репризи следниот ден. На 11-ти и 12 јануари е американскиот анимиран „Облачно со дожд од ќофтиња“ по сценарио и режија на Фил Лорд и Крис Милер (2009). На 13-ти и 14 јануари францускиот „Јас, Цезар“ од 2003, во режија на Ришар Бери, на 15-ти и 16 јануари американскиот „Мармадјук“ од 2010 на режисерот Том Деј, а на 17-ти и 18-ти – „Алвин и верверичките 2“, американски од 2009 година, во режија на Бети Томас.
Кинотеката месецов ќе прикаже и два современи македонски документарни филма. На 10 јануари премиера на „Сведоци: Канада“ во режија на Атанас Чупоски, кој ќе биде репризиран на 27 јануари, а на 21-ви и 22 јануари – документарецот на Марија Џиџева „Барајќи си ја среќата“. Од 24 јануари во рамки на програмата „Мајстори на македонскиот аматерски филм“ ќе бидат прикажани кратки и документарни филмови на Стефан Сидовски и Петре Чаповски.
На програмата „Француски кино клуб“, во двата последни четвртоци од месецот (23-ти и 30 јануари) ќе бидат прикажани „Брана наспроти Пацификот“ на режисерот Рити Пан (2008) и „Армија на стравот“ на Жан Пјер Мелвил (1969).
На крајот на месецот во „Ризница на Кинотеката“ ќе бидат прикажани два македонски филма: на 26-ти и 27 јануари „Каде по дождот“ во режија на Владан Слијепчевиќ од 1967 година, а на 29-ти и 31 јануари – „Јужна патека“ во режија на Стево Црвенковски, снимен во 1982.
Кинотеката на Македонија најавува дека оваа година на македонските гледачи ќе им ги доближи кинематографиите на две земји – Словачка и, најверојатно, Бразил. Во март ќе организира Јапонски филмски фестивал, а и годинава ќе ги има програмите „Финестра италијана“ и Денови на франкофонијата.
Главниот настан во 2014 за Кинотеката ќе биде во мај кога таа ќе биде домаќин на конгресот на ФИАФ (Интернационална федерација на филмски архиви) на кој ќе учествуваат околу 200 претставници на кинотеките од цел свет. Конгресот ќе биде посветен на 100 години од почетокот на Првата светска војна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.