| четврток, 6 декември 2018 |

Иван Заров е новиот директор на НУБ „Св. Климент Охридски“, Миле Бошевски замина во пензија

Нов директор на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје е Иван Заров, доктор по историски науки со специјалност средновековие. Тој ќе го наследи актуелниот директор Миле Бошески кој заминува во пензија. Комисијата во Министерството за култура во образложението наведува дека неговата програма за работа и развој на установата е многу концизна и сугерира изготвување остварлив и континуиран план на активности на Библиотеката.

Акцентот ќе биде ставен на збогатување и комплетирање на библиотечниот фонд; интензивирање на соработката со сродни национални, универзитетски и останати релевантни библиотеки во светот и со меѓународни библиотечни асоцијации; целосно реализирање и презентирање на процесите на дигитализацијата на културното наследство; грижа за континуирана библиографска дејност; а освен финансиската поддршка на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, ќе се бараат и дополнителни финансиски средства од различни извори на финансии.

Иван Заров е роден во Охрид во 1972 година. Дипломирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и се стекнал со стручен назив историчар на уметноста со археологија во 1996 година. Во 2002 магистрирал на истиот факултет, а во 2009 година станал доктор по историски науки со специјалност средновековие.

Автор е на монографијата „Византиската естетика и средновековниот живопис во Македонија од XI и XII век“. Добитник е на наградата „Св. Климентова грамота“ за 2011 година од НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top