Дарко Станиќ ќе биде голем адут на Србија во мисијата на популарните „орли“ да го одбранат среброто и вицешампионскиот статус на Европското првенство во Данска што ќе се игра од 12 до 26 јануари.
Србите се во една од потешките групи во друштво со Франција, Полска и Русија, па очигледно е дека ќе имаат тешка задача од самиот старт на шампионатот во Данска.
„Французите се квалитет што трае долго, иако не се во топ форма како во претходните години. Лесно можат да го освојат шампионатот. Русите се ослабени, но со нив нема опуштање, бидејќи секогаш знаат да бидат опасни. Полска е посебна приказна. против нив секогаш сме воделе вистински ракометни војни. Очекувам така да биде и овојпат. Очекувам едно неизвесно првенство, бидејќи сите селекции имаат свој квалитет. За мене прв фаворит е Хрватска која е најкомплетна репрезентација“, вели Станиќ за „Балкан хендбол“.
Интересен дел од мини-интервјуто со Станиќ на страниците на специјализираниот портал за ракомет е за неговата ситуација во Металург. Од херој и миленик на публиката, до кавги, суспензија и барање да си замине од клубот.
„Понекогаш и јас сум виновен за таквите турбуленции, понекогаш и другите. таква ми е животната линија и не се жалам премногу. Мина и тој период со многу проблеми во Металург. Сега сме во многу помирна ситуација и задоволен сум. За сега е добро и тука сум, не сакам да предвидувам што ќе биде во иднина“, изјави Станиќ.
Задутре ќе брани за Србија против Македонија на за нас последниот тест-натпревар пред заминувањето на ЕП во Данска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


