Во синоќешните девет натпревари од НБА-лигата фаворитите на домашен паркет забележаа порази.
Мајами беше изненаден од Голден стејт со 114-123. Стивен Кари одигра фантастична вечер и речиси сам го порази шампионот постигнувајќи 36 поени и 12 асистенции. Тој постигна осум тројки. Одличен беше и Дејвид Ли, кој погоди 13 шутеви од 17 обиди и мечот го заврши со 32 поена и 14 скока. Иако во Мајами целокупната прва петорка постигна двоцифрен број на поени, тоа не беше доволно за победа. Леброн Џејмс и Двејн Вејд постигнаа 26, односно 22 поена.
Изненадувањата продолжија и кај лидерите од западната конференција.
Њујорк го победи Сан Антонио на теренот на „тексашаните“ и им овозможи мала радост на своите навивачи по очајната сезона. Кармело Ентони се врати по повредата и даде 27 поени. Кај Сан Антонио се истакна Италијанецот Белинели, кој со личен рекорд од 32 поена не успеа да донесе победа на својот тим.
Бруклин Нетс направи големо изненадување и ја победи екипата на Оклахома, која важи за еден од тимовите кои може да се борат за титулата. По катастрофалната серија од седум порази во осум натпревари, Нетс со 29 поени на Дерон Вилијамс, кој потсети на своите најдобри денови, ги замолкна фановите во Оклахома.
Со овие порази на фаворитите во западната конференција Портланд со 21 постигната тројка и победата над Шарлот од 134-104 се искачи на првото место.
Резултати:
Кливленд – Орландо 87:81 (по продолжение), Мајами – Голден стејт 114:123, Чикаго – Бостон 94:82, Оклахома сити – Бруклин 93:95, Сан Антонио – Њујорк 101:105, Феникс – Мемфис 91:99, Јута – Милвоки 96:87, Портланд – Шарлот 134:104 и Сакраменто – Филаделфија 104:113.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.