
По кратко боледување, на 82 години вчера во Скопје почина проф. д-р Тодор Џунов, кој од 1985 до 1988 година беше ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Скопскиот универзитет соопшти дека погребот ќе биде извршен утре, 3 јануари 2014, во 12.30 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Проф. д-р Тодор Џунов е роден во 1931 година во кавадаречкото село Ваташа. Во 1954 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде што од 1974 бил редовен професор и декан од 1981 до 1983 година. Во 1994 година станал судија, а во 2000 година претседател на Уставниот суд на Република Македонија.
Објавил повеќе од 120 научни и стручни трудови од областа на меѓународнто јавно и приватно право и меѓународните односи, како и од имотното право и за односи и проблеми во научните дејности и во високото образование.
Добитник е на наградата „11 Октомври“ за монографијата „Меѓународното регулирање на користењето на водите“, Медал на Универзитетот во Хале (Германија) и на Софискиот универзитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


