| четврток, 6 декември 2018 |

Најголемиот раст во декември, добра најава за еврозоната

evropska-centralna-banka2Производството во еврозоната во декември забележува најбрза стапка на раст од средината на 2011 година. Брзиот раст на бизнисот во Германија и во Италија постави солиден почеток на година по бурната 2013 година, велат аналитичарите според индексот на „Маркит“ (PMI- Purchasing Managers Index). ПМИ се зголеми на 52,7 во декември од ноемвриските 51,6. Тоа се смета за знак за зацврстување на економската обнова на еврозоната. Со индексот се мерат активностите во индустрискиот сектор. Кога индексот ќе надмине 50 поени, активностите бележат раст, а кога резултатот е под таа вредност, тогаш е евидентиран пад.

Во врска со невработеноста прогнозите, исто така, не се мрачни бидејќи зголеменото производство, обемот на новите нарачки и на бараните услуги ги поттикнува производителите да го зајакнат работниот состав. Како резултат на тоа, вработеноста во еврозоната во декември останала стабилна, а во Германија, Италија и Ирска дојде дури и до отворање нови работни места.

Но, додека  во повеќе земји состојбата се подобрува,  во Франција таа и натаму е загрижувачка. Производствениот индекс за декември е на ниво од 47, што е најниско во последните седум месеци. Падот се појаснува со сѐ поголемото намалување на продажбата наменета за извоз, што предизвикува проблеми во конкуретната способноста на земјата.

Во Грција, која е погодена од тешка криза, во декември е забележано зголемување на производството и нови зделки поради што Пи-Ем-Ај достигна највисоко ниво во изминатите четири години од 49,6 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top