Русија и Кина спречија воена интервенција на САД во Сирија, Западот постигна историски договор со Иран, Египет ја победи револуцијата, Сноуден го шокираше светот со разузнавачките тајни на ЦИА, светот доби нов папа – реформаторот Франциск. Република ги одбра овие топ 5 настани од светот кои ја одбележаа 2013 година:
5. Франциск, папа-реформатор

На 13 март бел чад се издигна над Сикстинската капела во Ватикан и означи дека светот доби нов папа. Еден месец претходно папата Бенедикт Шеснаесетти поднесе оставка, со што стана првиот понтиф во последните 600 години што се повлекол од функцијата. Местото на Бенедикт Шеснаесетти го зазеде аргентинскиот кардинал Хорхе Марио Бергољо, кој од самиот почеток се претстави како реформатор на Црквата и заштитник на сиромашните. Бергољо го одбра името Франциск, по свети Франциск од Асизи, римокатолички свештеник кој се сметал за заштитник на сиромашните. Папата Франциск во првите месеци од управувањето на светата столица се зафати со финансиски реформи во Ватикан, се заложи за промена на традиционалните ставови на црквата кон хомосексуалноста и кон жените и силно ја осуди алчната природа на западниот капитализам.
4. Сноуден го шокираше светот со шпионската афера

Илјадниците тајни документи на американската разузнавачка служба НСА што излегоа во јавноста благодарение на поранешниот вработен во агенцијата Едвард Сноуден ја шокираа светската јавност поради обемот и начинот на шпионирање што го применувале САД. Досиејата открија дека жртви на нелегалното прислушување биле милиони граѓани во Америка и во светот, но најголемо изненадување предизвика следењето на комуникациите на германската канцеларка Ангела Меркел и на претседателката на Бразил Дилма Русеф. Меркел побара објаснување од Белата куќа, а Русеф ја откажа посетата на САД поради кршењето на суверенитетот на земјата. Случајот „Сноуден“ придонесе и за мало заладување на односите меѓу Вашингтон и Москва поради одлуката на Русија да му даде азил на најбараниот бегалец во Америка.
3. Крај на Арапската пролет во Египет

Со телевизиското обраќање на командантот на египетската армија Абдул Фатах ел Сиси на 3 јули годинава пред милионскиот аудиториум во земјата беше соопштено дека армијата ја презема власта во свои раце, а од функцијата претседател се отстранува демократски избраниот Мохамед Морси. Потегот на генерал Сиси беше поздравен од милиони Египќани, кои излегоа на улиците да го поздрават симнувањето од власт на Муслиманското братство, кое пред една година го презеде раководењето на Египет со големите демонстрации што беа дел од Арапската пролет, која ги зафати северна Африка и Блискиот Исток. На протестите за поддршка на војската следуваа и контрапротести на приврзаниците на соборениот претседател Морси и на членовите на неговото Муслиманско братство. Судирите меѓу поддржувачите на двете страни силно ги поларизираше земјата и општеството. Во обидот на војската да ги расчисти улиците од демонстранти на 14 август беа убиени стотици демонстранти. Морси и членовите на неговата влада завршија в притвор, а неговата партија беше забранета. Новиот лидер на земјата заврши на ист начин како соборениот диктатор Хосни Мубарак, кој ја предаде власта во февруари 2011 година по долгогодишно владеење. Генерал Сиси најави отворена врата за организирање избори в година.
2. Ново поглавје во односите со Иран

По смената на Махмуд Ахмадинеџат, светот очекуваше промена на политиката на Иран и намалување на тензиите со Западот. Новиот претседател Хасан Рухани, кој беше избран во јуни годинава, уште по стапувањето на функцијата испрати сигнал дека сака да ја „спушти топката“ . Откако во септември ги шармираше новинарите на Генералното собрание на ОН, Рухани оствари и историски телефонски разговор со американскиот претседател Барак Обама – прв меѓу шефовите на овие две земји во последните триесет години. Во ноември Иран и САД, заедно со другите големи сили, постигнаа договор за прекин на нуклеарната програма на Техеран во замена за укинување на санкциите кон оваа земја со кои ќе се ослободат неколку милијарди долари. Од историскиот договор не беа задоволни Израел и Саудиска Арабија, но, во секој случај, подадената рака на Иран и на САД може да означи нова ера и во пристапот на исламската република во регионот.
1. Продолжи кризата во Сирија

Две години по почетокот на граѓанската војна во Сирија, на 21 август беше употребено хемиско оружје од кое, според извештаите на САД, загинале 1.429 лица. Американскиот претседател Барак Обама, повикувајќи се на разузнавачки информации, за нападот го обвини сирискиот претседател Башар ал Асад и побара од американскиот конгрес и од ОН да одобрат воена интервенција со која ќе се уништат постројките со хемиско оружје. Асад и неговите сојузници ги одбија обвинувањата со тврдење дека зад масакрот стојат бунтовниците, а намерата била да се издејствува странска интервенција. За среќа, тоа не се случи, пред сѐ, благодарение на ветото на Русија и на Кина во Советот за безбедност на ОН, кои не дозволија уште една војна на Блискиот Исток. Од друга страна, Москва успеа да го убеди Дамаск да се согласи на уништување на хемиското оружје под надзор на ОН. Асад и Обама го прифатија договорот со што беше избегната воена интервенција на САД и на сојузниците. Во меѓувреме, продолжи граѓанската војна во која досега загинале повеќе од 100.000 луѓе. Карактеристично е тоа што годинава се регистрирани и судири меѓу ривалските исламистички групи, кои до неодамна се бореа заедно на страната на бунтовниците. Трошка надеж за ставање крај на крвопролевањата даваат најавените мировни преговори закажани за почетокот на 2014 година, кои треба да се одржат во Женева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


