| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „До балчак…“ доби кривична пријава за сквернавење гроб

Сценографот  на филмот „До балчак – приказна од Дивиот Исток“ и мајсторите што помагале во филмот се кривично пријавени за сквернавење гроб.

Пријавен е М.Ј.(75), српски државјанин, сценограф на долгометражениот филм, за дело поттикнување, и Р.Ј.(38) од Кичево, С.Н.(38) и К.Ј.(60) од село Врбјани, сите ангажирани во долгометражен филм, за сквернавење на гроб. Кон крајот на јули 2012 година, во кругот на црквата „Света Недела“ во Битола, за време на снимањето на сцена од филмот „До балчак – приказна од Дивиот Исток“, М.Ј. ги поттикнал другите пријавени, инаку ангажирани како мајстори за сценографија, да ги отстранат илинденските споменици од гробовите на војводите Димко Николов и Александар Турунџев, по што врз гробот на војводата Николов поставиле друга плоча што ја нашле во непосредна близина.

Снимањето на најновиот филм на режисерот Столе Попов, лани, беше  обележано со еден дивјачки чин. За потребите на филмот е убиен коњ.

Продукција е на „Трингл филм“, во копродукција со „Сектор филм“, „ФX 3X“ и Македонската радио-телевизија.

Снимањето се одвиваше 10 недели на територијата и во околината на Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и на Прилеп.

Проектот е поддржан и финансиран од Владата на Република Македонија и од Филмскиот Фонд на Македонија во програмата за проекти од национален интерес. Снимањето на филмот го помогнаа и министерствата при Владата, МПЦ – Преспанско-пелагониската и Дебарско-кичевската епархија, Македонски железници и локалната градска самоуправа.

Дејството се случува во првата декада од 20 век. Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација. Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот, низ македонската историја исполнет со супер историски апсурди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top