Не помина предложениот закон за забрана за употреба за симболот на Вергина, како и знамето каде што се содржи. Од пратениците во Собранието. Предлогот чиј предлагач е пратеникот од ЛП, Ивон Величковски доби само еден глас ЗА. Величковски смета дека доколку се забрани употребата на овој симбол, што е дел од обврските што нашата држава ги презела со Привремената спогодба потпишана со Грција во 1995 година, ќе се поттикнат добрососедските односи што се важни за евроатланските аспирации на земјава.
– Како и што се очекуваше, предлог законот не доби поддршка односно гласањето помина исто како и расправата, СДСМ и ДПМНЕ беа против, а ДУИ воздржани – оцени Величковски.
На собраниската расправа пред три недели, пратеникот Илија Димовски рече дека симболот од Вергина е всушност симбол од Кутлеш, а забрана на неговата употреба би значело задирање во македонскиот национален идентитет.
Овој симбол беше дел од државното знаме, но откако се потпиша спогодбата со Грција тој престана официјално да се употребува, но сè уште е заштитен знак на некои навивачки и други групи, а може да се најде и во логото на некои приватни фирми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


