Како „берберот на премиерите“ прво беше познат постариот мајстор, Кирил, татко на нашиот соговорник Дејан Ачовски – Брицо и основач на берберницата во која се потстрижуваат и пријатели, но и лути политички противници.
Киро Глигоров, Лазар Колишевски, Драгољуб Ставрев, Ангел Чемерски, се само дел од големите македонски политичари, кои со години се потстрижуваа кај мајстор Кирил. Од времето кога Дејан почна, пак, далечната 1987 година, во новиот дуќан кај Капиштец доаѓаат и сегашниот и поранешниот премиер, Владо Бучковски и Никола Груевски.
– Груевски доаѓа од ’87 година, кога со семејството се пресели во Капиштец од Ѓорче Петров. Ние сме поранешни соседи така што наследивме другарување, гледање, дружење, играме фудбал заедно… – почнува да раскажува Дејан.
Но, не се само познатите личности задоволни од својата соработка со семејството Ачовски. Дејан е среќен што во неговата мала берберница сите се однесуваат релаксирано и, пред сѐ, нормално. Според него, колку што луѓето имаат поважна работа и повисок ранг, толку се поедноставни.
– Според мене, нема поедноставни луѓе од јавните и познати личности. Таков е и премиерот. Тој ми верува кога го потстрижувам. Имам слобода и доверба и можам нешто да менувам во неговата фризура, ако има потреба. Како што поминуваат годините, тој сака покласичен изглед. Политиката си бара стабилност – објаснува Дејан.
Тој се познава со премиерот од детството. Се дружат фамилијарно, по родендени и разни прослави, колку што дозволува времето. Сепак, тој се однесува сосема коректно и како секој муштерија се јавува или пишува порака за да си закаже термин.
– Многу ми е драго што тој, иако е многу позафатен од мене, знае да ја цени туѓата работа и работно време. Не доаѓа без претходно да се договориме. Тој е редовен во „Малеш“ и доаѓа на секои 25 дена.

– Другите клиентите се многу повозбудени кога ќе дојде некој познат политичар, а овие си се поедноставни. На луѓето дури им е чудно што не им пречат. Последниот пат кога дојде Груевски, си имаше закажан термин, дуќанот беше полн, луѓето си зборуваа, а кога влезе им падна чудно и наеднаш се стаписаа – раскажува Ачовски за една од ситуациите во берберницата.
Но, премиерот, пак, според Дејан, е секогаш отворен и расположен за муабет.
– Имаме многу заеднички теми. Најчесто говориме за случките од детството и за спортот. Сепак, најмногу дискутираме за спортот бидејќи мене тоа ме интересира. Политиката не ја разбирам. Пред некое време правевме муабет за игралиштата. Знае колку треба да се долги, дури и ме чуди за еден премиер да разбира толку многу и длабоко за спорт. Многу теми знае да ги толкува, знае многу детали и многу е интересен. Тој има широко познавање за многу теми – вели Дејан.
Се случува во берберницата да дојдат муштерии што сакаат да критикуваат сѐ. Тие знаат дека Груевски доаѓа тука да се потстриже, па му велат на Дејан да ги пренесе нивните ставови.
– Има и редовни муштерии што доаѓаат и сакаат мене да ми кажат нешто, па да му пренесам. Има и смешни ситуации. Мора да ги чуеш и негативните страни. Понекогаш му пренесувам, а тој сака да чуе што размислуваат луѓето. Има многу работи што сака да ги слуша, што мисли народот – раскажува Дејан.
Тоа што веќе со децении ова место го посетуваат луѓе од политичката и од деловната елитата ѝ донесе на берберницата само повеќе работа. Секој таков голем човек влече зад себе големи луѓе и добра клиентела, но пред ножиците на Дејан сите се еднакви.
– Ние сме релативно мал дуќан, но имаме големо срце – додава тој.
Меѓу тие што малку менуваат, а повеќе од две децении редовно седат на берберското столче пред Ачови е и поранешниот премиер Владо Бучковски. Иако имаат ист бербер со Груевски, никогаш не се сретнале во дуќанот.
– Бучковски го знам уште пред да биде професор. Мислам дека ние берберите имаме среќа луѓето со години да остануваат со нас. Тука се потстрижуваат и неговите деца, четирите сина. Двајцата од нив се поголеми и доаѓаат сами. Требаше и со него да играме фудбал, но не сме се договориле – се смее Дејан.
Дејан има две деца – син и ќерка. Посакува синот да продолжи со берберскиот занает.
– Се вели дека на Балканот занаетот се пренесува до второ колено, а потоа се губи. Ќе настојувам да ја сменам традицијата, па да станам, можеби, прв во државата и син ми како трета генерација ќе го тера занаетот и семејниот бизнис – завршува Ачовски.
Пишува: Марина Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


