За стечаен управни е назначен Ацо Петров. Вкупниот долг на велешки „Киро Ќучук“ изнесува околу девет милиони евра, од кои 6,1 милиони евра се долг кон државата. Овој долг се однесува за неплатени даноци, придонеси, плати и други давачки кон државата. На денешното отворање на стечајната постапка присуствуваа и дел од фирмите на кои фабриката им должи.
– Тешка е состојбата дека воопшто ќе дојде до намирување на долговите, барем само на главниот долг на побарувањата на доверителите. Јас застапувам пет приватни правни лица, кои имале деловна соработка со фирмата. Околу три милиони денари долг без камати и извршни трошоци. За сите три предмети се водат извршни постапки што не можеме да ги намириме – рече адвокатот Гроздан Сутинов.
Одлуката на судот со нетрпение ја очекуваа и стотина вработени во фабриката, кои со месеци па и години не одат на работа. Компанијата им должи по дваесетина плати, а не им се исплатени ниту придонесите за здравствено и пензиско осигурување за повеќе од пет години.
– Не знаеме дали фирмата е на небо или на земја. Акциите ни ги земаа. Чекаме да видиме некоја разврска, зашто вака веќе не може. Таму веќе ни кучиња не влегуваат, нема ништо – рече еден од вработените.
Во изминатите неколку години имаше неколку иницијативи за поведување стечајна постапка. Меѓутоа, со цел фабриката да работи не беа отворени. Менаџерскиот тим место да ги надминува проблемите ја доведе компанијата во безизлезна состојба.
Инаку, во „Киро Ќучук“ некогаш работеа повеќе од 800 работници, кои произведуваа 130 милиони единици тенкоѕидни градежни елементи, кои се продаваа во Македонија, Косово и во Србија.
Извор: региони.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.