
Системското скенирање на здравјето почнува од 1 јануари и ќе трае во следните две години, при што граѓаните на возраст од 14 до 65 години кои имаат избрано матичен лекар ќе бидат повикани да направат превентивни прегледи и врз основа на резултатите ќе се утврди дали е потребно да бидат испратени кај специјалист, информираше директорката на Фондот за здравствено осигурувањед на Македонија, Маја Парнарџиева Змејкова, која појасни дека проектот кој го почнуваат заедно со матичните лекари, со специјалистите, предвидува на веќе дијагностицирани пациенти кои имаат кое било од трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларни заболувања, шеќерна болест и бубрежна болест, матичниот лекар да им врачи потсетник за тоа кои прегледи треба да ги направат во текот на годината и што треба да прават за да се спречат какви било компликации и совети за грижа за здравјето.
Таа посочи дека матичните лекари ќе ги повикаат здравите осигуреници на возраст од 14-65 години да направат лабораториско испитување за да се утврди ризикот од дијабетес, од кардиоваскуларно или од бубрежно заболување.
Ќе се прават биохемиски лабораториски испитувања, гликоза во крв, вкупен холестерол во крв, креатинин во крв и протеини во урина. Во зависност од резултатот на испитувањето, ќе има редовно следење на состојбата, а во случај да е потребно, праќање на секундарно ниво. Со ова ќе може да се следи и квалитетот на терапијата која ја примаат за определеното заболување и спречување на влошување на болеста, односно појава на компликации.
– Практично ова е за првпат кога Фондот се грижи за здравјето, а не само да плаќа за лекувањето и за болните. На овој начин со превенција ја подигнуваме и свеста на граѓаните дека доколку редовно се прегледуваме еднаш на две години, една крвна слика и урина е доволно за да немаме психолошки проблем дека можеби потајно имаме одредени предиспозиции или сме заболени од овие најголеми тивки убијци. Секој 12-ти човек од 100 лица може да добие од бубрежна болест, а секој петти човек може да заболи од дијабетес, додаде Парнарџиева Змејкова.
Ана Петрова, советник на директорката на Фондот, рече дека изборот трите заболувања да бидат превентивни цели на матичните лекари бил направен бидејќи тие се многу чести и има висок морталитет, а компликациите ако навреме не се откријат доведуваат до оштетување на други органи во телото.
– Покрај овие испитувања, матичните ќе прават и ЕКГ, ќе ја мерат телесната тежина, обемот на струкот…Многу е важна и фамилијарната анамнеза за тоа дали некој од семејството боледува од тие болести што го зголемува ризикот од нивната појава. Од анамнезата се многу значајни податоците за видот на исхраната, дали се конзумира алкохол, дали се пуши, дали се занимаваат со физички активности итн., додаде Петрова.
Претседателот на Здружението на приватни лекари Лилија Чолакова-Дервишова ги повика граѓаните кога ќе бидат повикани од матичните лекари да ги направат прегледите.
Претседателот на собранието на Лекарската комора на Македонија, Влатко Миташев рече дека во целото спроведување на оваа превенција првпат се вклучуваат и специјалистите кои ќе можат заеднички во таа насока да работат со матичните лекари.
– Матичните лекари ќе имаат можност да го пополнуваат образецот за превенција кој ќе биде подложен на корекција и дополнување од страна на специјалистите што досега не беше пракса, додаде Миташев.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се предвидени санкции за матичните лекари кои нема да ги повикаат сите пациенти, директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова рече дека станува збор за превентивни цели и доколку не се реализираат во целина, одреден дел од надоместок од Фондот матичните лекари нема да го добијат.
– Сега во моментот со матичните лекари размислуваме како да се повикаат што е можно повеќе осигуреници за да дојдат на преглед, додаде Парнарџиева Змејкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјалистите ќе чекаат уште една година за ветената плата од 100.000 денари
-
Што се имаат извадено докторите од дишните патишта на децата?
-
Лекарите не се вреднуваат според заслугата, туку по партиска линија или ако се во род со професори – му се пожали специјализантка на Заев
-
Лекарите го исклучија од апарати спротивно на желбата на родителите, но детето е уште живо


