Во експлозија на железничка станица во Волгоград, подметната од терористка- самоубиец, според првични информации, загинале 13 лица, соопшти информативниот центар на Националниот антитерористички комитет (НАК).
„Денеска во 12.45 часот, по московско време, на железничката станица во Волгоград при активирање на непозната експлозивна направа дојде до моќна експлозија, што доведе до човечки жртви. Се претпоставува дека експлозијата е дело на терористка-самоубиец, се посочува во соопштението на НАК.
Бомбата, најверојатно, била детонирана на влезот во железничката станица. Се проценува дека се ранети над 50 луѓе.
Бројни возила за брза помош се пристигнати на местото на инцидентот во Волгоград, поранешен Сталинград. Зградата на железничката станица е евакуирана, соопшти Министерството за цивилна заштита. Очевидци зборуваат за огромни штети, насекаде расфрлани парчиња стакло, како и помал пожар, кого го изгаснала пожарникарската екипа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.