Атланта хоукс доживеа голем удар по повредата на Ал Хорфорд, водечкиот стрелец на популарните „јастреби“, а на сцена ќе стапи Перо Антиќ. Македонскиот репрезентативец според информациите од американските медиуми е прв кандидат да го замени Хорфорд во стартната петорка на Атланта.
„Не се знае како ќе реагира тимот на огромната загуба со повредата на Ал Хорфорд. Перо Антиќ кој го замени Ал веднаш по повредата на мечот со Кливленд, е прв кандидат за негова замена во стартната петорка“, пишува Чарлс Одум, колумнистот на „Јаху“.
Прогнозите велат дека Хорфорд, по сериозната повреда на десното рамо може да го пропушти комплетниот остаток од сезоната, што би бил уште поголем удар за Атланта. Крилниот центар од Доминиканската Република е прв стрелец на тимот со 18,6 поени и прв скокач со 8,4 скока по натпревар. Тој одлично се снајде на позицијата центар, иако повеќе му одговара да игра како четворка, односно како крило.
Антиќ ја игра првата сезона во НБА лигата и е прв македонски кошаркар што настапува во најсилната лига на светот. Во просек на паркетот е по 10,5 минути и дава по 3,6 поени на меч.
Дали Перо ќе го замени Хорфорд на позицијата центар во стартната постава на Атланта, или тренерот Мајк Баденхолцер ќе искомбинира поинаква варијанта ќе се знае веќе ноќеска. Хоукс за нешто помалку од два и пол часа, од 01,30 по полноќ ќе играат против Шарлот на свој терен.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.