| четврток, 6 декември 2018 |

СОС Детското село ќе биде комплетно финансирано од страна на државата

Премиерот Никола Груевски и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната посета по повод новогодишните празници им подарија на дечињата од СОС Детското село новогодишни пакетчиња и пакети со храна, а на барање на Детското село им беше доставен и електричен шпорет.

Министерот Спасов ја искористи приликата да најави дека од 1 јануари, Министерството под негов ресор целосно ќе ги финансира сите 12 семејства во СОС Детското село во Скопје. За таа намена ќе одвои околу 6 милиони денари.

– Како Министерство за труд и социјална политика ја продолжуваме соработката со СОС Детското село, односно директната финансиска поддршка на СОС семејствата. Во изминатата година финансиски беа поддржувани три СОС семејства, а од јануари 2014 година со договорот кој го потпишавме денеска со директорката на СОС Детското село се предвидува целосно финансиски да ги поддржиме сите 12 СОС семејства – изјави министерот Спасов по доделувањето на пакетчињата.

Тој посочи дека за секое од децата кои се згрижени во СОС Детското село месечно ќе се издвојуваат по околу 8.000 денари или вкупно за поддршка на СОС Детското село за 2014 година ќе се одвојат над 6 милиони денари.

– Тоа ќе значи многу за одржливоста на СОС Детското село кое е позитивен пример на установа во која се згрижуваат децата без родители и родителска грижа. Установата има квалитетни програми кои се модерни и современи – потенцира Спасов.

Директорката на СОС Детското село, Виолета Георгиевска рече дека лани Министерството поддржа три семејства со вкупно 15 деца, а во 2014 година ќе ги поддржи сите 12 семејства во кои во моментов живеат 66 деца. Таа прецизира дека во СОС Детското село има деца од цела Македонија. Тие, како што рече, доаѓаат преку центрите за социјална работа кои се најчесто нивни старатели иако има и деца чии старатели се роднини.

Дечињата од СОС Детското село во знак на благодарност за доделените пактечиња пред премиерот Груевски и министерот Спасов одржаа приредба.

фото МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top