Реконструираниот граничен премин Блаце овозможува поголем проток на луѓе и стока, но и ефикасност во работењето на граничните служби. Реконструкцијата е направена со 1,8 милиони евра финансиска помош од Светска банка, со кои е зголемен бројот на сообраќајни ленти од две на четири за влез и од две на три за излез.
– Првата слика која ја добиваме за една земја е граничниот премин- оцени на свеченоста на пуштањето во употреба вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, според кој уреденоста на граничните институции и нивната функционалност кажуваат многу за тоа како функционираат институциите во земјата во која патувате.
– За МВР и за граничната полиција важно е што модернизираниот граничен премин ќе има силно влијание и врз зголемување на квалитетот на контрола на секојдневниот прекуграничен проток и е во интерес на граѓаните на Република Македонија, но и на граѓаните од Косово и другите земји кои го користат или во иднина ќе го користат- рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Околу два милиони луѓе во текот на годината го минале граничниот премин во двата правци. Од јануари до ноември годинава преку Блаце извезени се стоки во вредност од околу 280 милиони американски долари. Од нив 277 се извоз во Косово. Увозот за истиот период изнесува 51 милион долари од кои 38 се проценува увозот од Косово. Трговската размена преку овој граничен премин за 11 месеци е 330 милиони долари или околу 10 отсто од вкупната трговска размена на земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.