| четврток, 6 декември 2018 |

Година на успех и стабилност

magdalena andonovska

Магдалена АНДОНОВСКА

Измина уште една година полна со скокови, падови, со споделување на радосни и тажни моменти, со искористени и неискористени можности, со афери и скандали, со броење нанапред и враќање наназад, со жестоки расправии и аплаузи, со восхит и каење, со патувања и чувство дека запрело времето, со трчање и тапкање во место, со љубов и гнев… Секој од свој агол деновиве прави рекапитулација на изминатата 2013 година, и секој за неа има свој бележник по што ќе ја памети. Секој од нас на крајот од годината си полага сметка најнапред на себе си, за тоа што успешно заврши, промаши или заборави да направи. Ревидирањето на потезите што сме ги направиле во годината што измина, не се само статистички податок за нечиј пад или успех, туку огледало за целокупната слика што сме ја создале прво ние самите за себе, а потоа и за целокупното опкружување, кое неминовно учествувало во нашиот избор. И оној со кој се гордееме, но и оној избор што сме го направиле сметајќи дека е вистинскиот, иако на крајот се покажал како погрешен. Понекогаш и најдобрата желба се претвора во агонија, затоа што сме ја замислиле во лош момент, или, пак, сме ја реализирале со погрешни луѓе. Но, затоа постојат деновите пред пристигнувањето на новата календарска година. За да не потсетат на грешките, успесите, наградите, солзите, загубата… и најважно за да не потсетат дека мора да веруваме во себе и во нашите најблиски пријатели и соработници, бидејќи само така можеме да ги реализираме желбите и плановите што ги посакуваме или ги имаме за наредната година.

Но, така размислуваат луѓето. Оние кои реално им пристапуваат на нештата и не се штедат и пред себе си и пред јавноста да признаат дека некои нешта во изминатата годинина ги промашиле. Не затоа што некој друг бил виновен за тоа, туку затоа што самите тие направиле погрешна проценка, која ги донела до неуспех. Обичниот граѓанин, како што најчесто сакаме да кажеме, тоа умее да го направи. Да ја признае грешката и да тргне понатаму. Со нови надежи и желби за побериќетна година и да продолжи да сонува за подобра утрешнина. Но, дали тоа умеат да го прават и оние на кои најчесто без да бидеме свесни им ја доверуваме, или тие посакуваат да им ја доверуваме иднината? Дали тие умеат да гледаат со очите на обичниот граѓанин? Дали сонуваме исти соништа? Дали нашите грешки се огледало на нивната немоќ?  Зошто нивниот неуспех, се третира како неуспех на мнозинството?

На овие прашања ме поттикна да размислувам еден граѓанин незадоволен од ниското ниво на доверба што партијата СДСМ го има во јавноста. Обидувајќи се да ми го објасни, како што рече „феноменот“ на неколку годишниот пад на најголемата опозициска партија, вината за тоа главно ја насочи кон членовите на СДСМ, но и кај речиси сите граѓани на Република Македонија, односно кон оние кои се сметаат за политички неопределени. Кога го прашав зошто кај членовите на СДСМ, одоговорот беше дека тие не умеат да  организираат сериозен отпор кој зад себе ќе собере маса на народ,  додека вината кај останатите граѓани, како што рече, оние неопределените, е во тоа што тие не можат да препознаат позитивни промени кои треба да им се случат!?

КОГА ЌЕ СЕ ПОТЦЕНИ ГРАЃАНИНИОТ!

Интересно за мене во овој разговор беше што овој граѓанин вината за серозниот пад на СДСМ никако не ја виде кај раководството на оваа партија, туку исклучиво во членовите на партијата и кај неопределните граѓани. Или со други зборови, како во едно минато време, се обиде да ми објасни дека вината мора да биде колективна, а победата индивидуална. Овој пример на размислување всушност е школски пример за тоа зошто опозицијата е сеуште на дното, и никако не може да го покачи својот рејтинг, и покрај навистина големите обиди за пр и маркетинг кампања на новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев. Ако членството е виновно затоа што не може да се организира во сериозна сила за отпор против власта, нели се прашува дека некој ова членство треба да го организира? Ако неопределените граѓани не можат да препознаат нови промени, нели се прашува дали тие промени се навистина промени, или се само празни ветувања?

Многу е лесно да се потценува мнозинството граѓани. Многумина политичари во Република Македонија изминативе дваесеттина години, го потценуваа својот народ и гласачи, сметајќи на тоа дека тие нема да бидат доволно свесни за да препознаат лага и манипулација. Но, за жал изборните резултати секогаш го кажуваа спротивното. Народот е секогаш во право, и тогаш кога политичарите се убедени дека греши, како што еднаш во една прилика изјави Бранко Црвенковски, по завршувањето на еден изборен циклус. Добар дел од денешните политичари очигледно не можат да сватат дека ова не се раните деведесетти, кога на граѓаните можеше да им ветува мед и млеко, а потоа да им испорача чиста вода. Очигледно не можат да разберат дека денешниот граѓанин не сака да разговара во идно време, затоа што е заморен од честичката ќе… Заморен е од чекање да се промени власта, за да се промени неговиот животен и работен статус. Заморен е да се бори за некој друг да седи во фотелја, кој тој на теренот ја заработил илјада пати повеќе од некој кој по изборите комотно седнува неа. Заморен е да слуша дека ништо не чини во државата, затоа што некој друг ја практикува власта.

Ете затоа е СДСМ долго во опозиција. Затоа што постојано се обидува да ја префрли вината за се и сешто на власта, а при тоа ништо поинакво да не понуди. Ете затоа мнозинството млади се зачленуваат во ВМРО-ДПМНЕ или, пак, во новоформираните партии како ГРОМ или Позитивна алијанса за Македонија. Затоа што знаат дека постои место во кое некој ќе ги слушне нивните идеи, ќе им даде шанса рамноправно да слават за победата, но и заеднички да се носат со последиците од поразот. Тоа е она што во СДСМ не можат да го разберат. Дека хиерархијата не значи слепо слушање на наредбите, туку почитување на ставови и размена на мисли.  Дека за да се доближиш до граѓаните, не можеш постојано само да критикуваш, туку да презентираш сопствена понуда со која ќе ги заинтересираш. Или, едноставно за да ја освоиш власта, треба најнапред да го освоиш народот.

СТАБИЛНА ПОЛИТИЧКА ГОДИНА

Изминатата година не можеме да кажеме дека на политички план беше турбулентна. Се разбира дека имаше одредени искричења во владината коалиција, и проблеми со кои преставниците од власта мораа да се соочат, бидејќи забележаа незадоволство кај граѓаните. Дослухот што мора да се има за барањата на неговото височество граѓанинот, е пресудно однесување за секоја политичка партија. И онаа која е на власт и онаа која претендира да ја освои власта, бидејќи сите тие зависат од гласот на народот. Веројатно токму поради тоа имавме релативно мирна политичка година, без поголеми осцилации и ненадминливи проблеми, кои можеа да генерираат сериозна политичка криза, во која се разбира државата ќе биде залог, а граѓаните жртва. Ниедна Влада никогаш не може да донесе закони кои ќе бидат во потполна мерка на граѓаните. Не може да ја подобри до толку економската состојба за сите ние дасе чуствуваме толку многу комотно кога ќе влеземе во маркет. Но, важноста за барањата на граѓаните, и работењето и изнаоѓањето на решенија за нив, е врв на приоритет за секоја Влада. Токму тоа се правеше во изминатава година. Се бараше решенија. Некои се пронајдоа, за некои сеуште се дебатира.

А што направеше опозицијата во изминатата година? Како и секоја друга опозициска партија која се наоѓа речиси на самото дно, се обидуваше да излезе од ќорсокакот во кој се наоѓа. Се обидуваше да ја промени досегашната мантра на однесување што им ја остави вечниот лидер Бранко Црвенковски, и да започне нова етапа на функционирање и приод кон барањата на граѓаните. Не е спорно дека тоа е ѓаволски тешко, бидејќи од една страна е “капиталот“ на Црвенковски, и во кадровска и во идејна смисла што го остави зад себе, и кој тешко се остранува или топи, а од друга слабите можности да се справи со работата на Владата. Токму затоа новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, мораше да започне од нула. Да собере храброст да се соочи со приврзаниците на Црвенковски, кои не му даваат можност да се движи во поинаков правец. И наместо цврсто да расчисти со едно мрачно минато, тој се обиде да балансира. Прагматично да се однесува кон сите, не сметајќи на тоа дека наместо да се движи напред , тој едноставно тапка во место.  Се соочи со жесток отпор на внатрешни промени, и делење на членството на ваши и наши и стари и нови. Од тука сигурно е дека на Заев му престои жестока битка со неговите сопартијци во наредната година, се рзбира доколку сака сериозно да ја реформира сопствената партија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top