Опозициски константи и перманенти
Во СДСМ е сè по старо. Пардон, конзистентно. Во партијата не гледаат изменети ставови во изјавите на лидерот Зоран Заев за исти прашања. И во последното интервју на Заев за „Дневник“, на прашање кој е ставот на партијата во однос на решението на наметнатиот спор од Грција, заради очигледната различна „кичмена позиција“, тој не дава директен одговор, но вели: „Не постои противречност, ставовите на СДСМ се конзистентни и принципиелни“.
„Република“ побара и остана без конкретни одговори од партијата за тоа дали СДСМ има намера да отстапи и да прифати решение за секоја употреба на инсистирање на Грција? Иако во интервју за „Република“ Заев посочуваше дека претходно, како потпретседател на опозицијата, бил запознаен со тоа што е, а што не е дел од преговорите, а нашиот идентитет не е дел од тие преговори, одеднаш дојде до промена во неговиот став и до нагласување дека за СДСМ се неприфатливи решенија за промена на јазикот, идентитетот и на националната посебност на македонскиот народ? Дали актуелното нагласување за непроменливост на Уставот и за зачувување на идентитетот не е „провоцирање“ за кое ја обвинува власта?
Во дописот од партискиот центар за комуникации, место одговор, до „Република“ беше препратен во целост еден од одговорите што Заев ги даде за „Дневник“. И останаа со тој одговор, иако уредно беа прашани да не се работи за грешка.
„За СДСМ станува збор за наметнат и крајно нерационален и непринципиелен спор и проблем што Република Грција го има за уставното име на Република Македонија. Грција го злоупотребува членството во Унијата и ги користи сите дозволени и недозволени средства и механизми, како примената на ветото, на пример, за да ја спречи Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ. СДСМ постојано истакнува дека тоа е една нефер позиција, злоупотреба на привилегиите на земја-членка, во целосна спротивност со нејзините меѓународни обврски. Во неколку наврати го посочивме нашиот став дека за СДСМ се неприфатливи решенија за промена на јазикот, идентитетот и на националната посебност на македонскиот народ. Меѓутоа, за жал, премерот Груевски реши да го монополизира и авторизира ова прашање. СДСМ и опозицијата во Македонија е целосно исклучена од процесот на преговарање. И во такви околности, СДСМ како одговорна партија со своите ставови и изјави не дозволува да ѝ се нанесе штета на Република Македонија“.
За разлика од одговорот во „Дневник“, недостига само првата реченица: „Не постои противречност, ставовите на СДСМ се конзистентни и принципиелни“. Можеби тој дел се однесува на одговорите до медиумите, а не кон ставовите на партијата.
Перманентно јас сум твој
Објаснувајќи ја позицијата на „кичма“ како „клучен орган кон наклонетост и пријателски подадена рака“ , Заев во јуни во интервју за „Република“ изјави: „Премиерот треба да оди на национална грчка телевизија и да му објасни на грчкиот народ, кој е eлекторат на грчките политичари, дека не може ние да бидеме со променет или со друг идентитет. Нашиот јазик е македонски, нашата посебност е поинаква од таа на Грција“.
Но, дали Заев, доколку евентуално седне во премиерската фотелја, ќе го направи тоа, да побара од националните грчки медиуми да им објасни дека не може да биде со променет или друг идентитет?
– Што се однесува на прашањето за тоа дали претседателот Заев би прифатил настап или интервју за одбрана на македонскиот јазик и позиција, апсолутно, да. СДСМ и претседателот Заев не бегаат од дебата со никого, за што било, посебно не за македонските државни интереси. Претседателот Заев е подготвен на која било телевизија, во кое било интервју, со кој било новинар да ги соочи аргументите во интерес на македонскиот јазик и идентитет, кои се цврсти и недвосмислени позиции на СДСМ, како што е познато во јавноста – велат од поранешна Бихаќка.
Сепак, нема одговор како без конечно решение со Грција, партијата би ја спровела економската програма, враќањето на средната класа и повеќе вработувања, кои, пред сѐ, се потпираат на евроатлантските интеграции како предуслов.

И тука најмногу се покажува постојаноста во настапите на лидерите на партијата. Политичкиот ментор и мецена на Заев, Црвенковски, ветуваше програма со која требаше да вработи по еден член од секое семејство, но никогаш не кажа како. Доследно се надоврза наследничката Шекеринска. Ниту таа никогаш не ја откри алхемиската формула за влез во ЕУ и во НАТО без решение со Грција, додека плашеше со „женско здолниште“.
Како може да се протолкува поинаку од доследно однесувањето на пратеникот Игор Ивановски и неговиот емотивен настап за значењето и за зачувувањето на сонцето од Кутлеш? Особено откако партијата во чиешто раководство е го тргна овој македонски национален симбол од државното знаме. И зар сега Ивановски со вака јавно искажаната поврзаност кон сонцето од Кутлеш не се спротивставува на политиката на СДСМ „да не се бранува“? Пред една година Ивановски бараше враќање на европскиот надзор на Македонија од Советот на Европа, што се искористи од грчките политичари исто како што сега Ивон Величковски им даде адут в рака.
Доследноста се огледа и во мерката за поврат на ДДВ. СДСМ обелодени дека новиот столб на просперитетната економија партијата го понудила во изборната програма во 2002 година. Во тогашниот тим за изработка на програмата на перманентниот лидер Црвенковски биле и Шекеринска и Ивановски.
Не е до доследноста, до нејзиниот корен е

И повторно, за жал, се навраќаме на недостигот од свежина и од идеи во опозицијата. Дури и не се крие влијанието на вечниот лидер. Иако борбата за избор на ново раководство пред половина година беше борба да се надмине тоа влијанието, Заев сега во „Дневник“ нагласува: „Искуството и мудроста на Црвенковски се добредојдени и сакам да ги користам секогаш кога има потреба. Не ги делам луѓето во СДСМ на свои или на некои други, блиски до мене, до овој или до оној. Kако потпретседател на СДСМ, во минатото, јас бев еден од најблиските соработници на Црвенковски, што се вели, десна рака“.
Членови и симпатизери на СДСМ предупредуваа дека Црвенковски ги има в рака сите кандидати за негов наследник. Дека има информации за нив од минатото, што му дава предност. Меѓу другото, „Република“ тогаш објави дека сите кандидати еден по еден одат на „баци рака“ со своите програми кај Црвенковски, на негово одобрување. Гласањето на Конгресот стана маска за доследната послушност меѓу делегатите. Собирањето на 20.000 потписи само беа нагласување на неговата моќ и влијание.
Заев како наследник на Црвенковски сѐ почесто вели дека не е грев политички да се загине за исчекор на државата. Колективната меморија на Македонија го памети Заев како човек што направи чекор и се извини за грешките на СДСМ од минатото. Аналитичарите финишот на случајот „Глобал“ и аболицијата потоа го сметаа за политички погибел на Заев.
Заев изјавуваше дека нема амбиции ниту за нов градоначалнички мандат, ниту за лидер на СДСМ, но се кандидираше и за едното и за другото и го освои и едното и другото.
Сега доследно ја спроведува идејата и програмата. Таа што помина кај Црвенковски. До некој следен партиски конгрес. Можеби тогаш ќе се прередат коцките и на челната позиција ќе седне некој што ќе смогне вистински сили доблесно да се извини и за овие грешки. За сега, такви изгледи нема. СДСМ доследно „ќе ги џвака живите луѓе“, кои се спротивставуваа на оваа доследност.
„Кога владата вели дека нема да ги зголемува даноците, тоа е огромна лага, бидејќи зголемувањето на јавниот долг над капацитетот на економијата значи одложено зголемување на даноците и тоа ќе се случи подоцна, дали под оваа влада или целиот метеж ќе ѝ биде оставен на некоја друга влада“, вели Петар Гошев. Останува прашањето како ќе се полни тогаш државниот буџет со новата предложена даночна програма на СДСМ? Или и даноците на СДСМ доследно ќе се покачат?
Пишува: Наум Стоилковски
(текст објавен во 68. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



„Кога владата вели дека нема да ги зголемува даноците, тоа е огромна лага, бидејќи зголемувањето на јавниот долг над капацитетот на економијата значи одложено зголемување на даноците и тоа ќе се случи подоцна, дали под оваа влада или целиот метеж ќе ѝ биде оставен на некоја друга влада“, вели Петар Гошев. Останува прашањето како ќе се полни тогаш државниот буџет со новата предложена даночна програма на СДСМ? Или и даноците на СДСМ доследно ќе се покачат?