
Гордана Јакимовска на своето работно место во Шангај
Кога пред 16 години Гордана Јакимовска (38) заминала за Германија за да студира архитектура на Универзитетот во Берлин, не сонувала дека еден ден ќе работи во Шангај, Кина и дека во меѓувреме ќе магистрира на еден од најпрестижните светски универзитети – МИТ во Масачусетс, САД. Да сте ја прашале во 1998 година каде сака да живее, таа ќе ви одговорела дека заминува за да учи, за да научи повеќе, а кога ќе се врати, не знае. Следејќи ја желбата за знаење, таа успеала да дипломира во Берлин, Германија, потоа и да магистрира во САД на вториот светски универзитет според квалитетот, да живее и да работи на три континенти – Европа, Северна Америка и Азија и уште да сонува.
Денес Јакимовска живее и работи во Шангај, веќе трета година како постар архитект во „УН студио“. За нив работела неколку големи проекти во повеќе земји: Кина, ОАЕ, Среден Исток, Сингапур. Во Германија работејќи како помлад архитект била вклучена во проектот за германската амбасада во Варшава, Полска, а во нејзиното портфолио има уште многу интересни проекти: фудбалскиот стадион на Баерн Минхен, потоа тој на Депортиво ла Коруња во Шпанија, дизајнирала предлози за Меморијалниот Светски трговски центар во Њујорк, а работела и на конечниот дизајн на Меморијалниот центар на холокаустот во Берлин, како и на повеќефункционалниот стадион во Аризона, САД.

Јакимовска работи како постар архитект за „УН студио“
– Во Германија пристигнав во 1998 година и во тоа време уште не го знаев одлично јазикот. Првите шест месеци забрзано учев германски за да можам да се запишам на факултет. Почнав да студирам во Скопје, на архитектонскиот факултет, но по три години студирање се префрлив во Германија и почнав сѐ од почеток – ја почнува својата приказна Јакимовска.
Таа од Лондон отишла во Кина поради еден проект што се градел во Шангај, и веќе трета година живее во милионскиот град.
– Тогаш имаше потреба од локален тим, тој да биде врската меѓу тимот во Лондон и локалните архитекти и клиентите. Беше планирано да останам шест месеци до една година, ама еве три години подоцна јас сум уште во Кина – вели Гордана, која две години живеела и работела во Лондон. Една година по магистрирањето на МИТ, таа работела во Њујорк, во бирото „КПФ“, па потоа од истото биро заминала за Лондон.

Аеродромот во Абу Даби на чиј проект работела Јакимовска
– Во Кина првата година работев за „Заха Хадид арчитектрс“, а последниве две за „УН студио“. Ги раководам проектите и комуницирам со клиентите, ги организирам и планирам тимовите за работа, а во секојдневната работа тоа вклучува и раководење на финансиите. Мојот тим има од шест до 15 луѓе, во зависност од интензитетот на работата. Пред да почне нов проект или нова фаза на проектот, треба да составам тим и да испланирам колку луѓе и колку долго треба да се работи за да се заврши работата, но во исто време да имам пари да се исплати тимот. Пред да се потпишат договорите со клиентите секогаш треба да дадам прелиминарен буџет за тимот, за да се осигуриме дека имаме доволно приход да се исплати тимот и да се има профит. Во текот на проектот треба секоја недела да вршам контрола на финансиите и на бројот на часови потрошени на работа – објаснува Јакимовска за своите одговорности во работата.

Аеродромот во Абу Даби
Таа е задолжена и за внатрешна организација на тимот, им доделува нови задачи, но ги контролира работата и дизајнот.
– Вршам и обука на нови вработени и практиканти, го контролирам дизајнот – од првите концептни фази до последните фази на изградба, како и контрола на градилиште. Секојдневно комуницирам со клиентите и со консултантите преку телефон, е-пошта и состаноци. Како архитекти мора да ја координираме работата на сите консултанти, вклучувајќи ги локалните архитекти, консултантите за конструкции, механика, електрика и водовод, осветлување, фасада и зеленило – вели Гордана.

На проектот за аеродромот во Абу Даби работела додека била во Лондон
Таа е задоволна од животот во Шангај.
– Шангај има околу 23 милиони жители и тоа, дефинитивно, се чувствува кога се движиш по улица затоа што секогаш има многу луѓе. Наутро, во подземната железница има толкав метеж што некогаш треба да чекам во редица само за да излезам од станицата. Но, во Кина никој не чека во ред, туку сите се туркаат, како животот да им зависи од тоа кој повеќе ќе се истурка. Многу работи што кај нас се сметаат за непристојни, тука се сосема нормални. Но, на крај, секогаш се движиш во одредена средина и кога ќе видиш, не е битно дали живееш во мал или голем град. Нашите светови се секогаш мали – вели Гордана.
Шангај е град што има долга историја. Во 30-тите години Французите, Германците и Англичаните формирале свои колонии, што многу се одразило врз архитектурата на градот. Од една страна во Шангај има европска колонијална архитектура, а од друга страна се модерните облакодери. Моментно во изградба е втора зграда по височина во светот, која има 121 кат и е повисока од 600 метри.

Јакимовска на едно од приватните патувања во околината на Шангај
– Мислам дека не размислував многу кога ја напуштив Македонија. Некогаш, ако размислуваш и анализираш премногу, ќе најдеш и многу проблеми. Јас мислам дека го следев инстинктот и не размислував многу. Едноставно, гледав да си создадам можности и да си дадам простор да одбирам. Дали изборот бил добар или не, никогаш нема да знам, ама знам дека секогаш избирав што сакам да правам и гледав да најдам начин да го остварам тоа. Тоа не ми го направи животот полесен, но, дефинитивно, е поинтересен – вели Гордана за одлуките што ги донела во животот.
Таа раскажува и за животот во Кина, кој има позитивни и негативни страни.

Островот Пом-Пом во Саба кој го посетила Јакимовска
– Владее мислење дека странците во Кина можат да издржат да живеат две години. Помал е процентот на тие што живеат меѓу пет и седум години, но речиси сите, порано или подоцна, се враќаат од таму од каде што дошле. Јас ја поминав границата од две години, што значи гледам повеќе позитивно отколку негативно на животот тука. Морам да кажам дека да се живее во Шангај е многу поинаку, отколку да се живее во другите кинески градови. Дури и Пекинг е многу поинаков. Тука е многу поедноставно за странците, повеќе луѓе зборуваат англиски, има повеќе продавници со странска храна, може да се оди низ градот и транспортот е добар. И покрај тоа што сакам да јадам кинеска храна, некогаш сум подготвена да платам огромна цена за сирење, странски леб, кафе… Сѐ што е нормална храна за нас, тука е увозна и е многу скапа. И чудна работа, ама кога си во туѓа земја, храната ти останува нешто што ти недостига од твојата култура. Ова не важи само за мене. Во Кина сите странци полнат куфери со храна кога одат дома на посета – вели Гордана.

Нуркањето е едно од задоволствата во кои се ужива на Пом-Пом
Во Кина темпото за работа е многу побрзо во споредба со Европа и со Америка. Таму се гради, буквално, преку ноќ и тоа за архитектите значи многу побрза и поинтензивна работа.
Македонката во Шангај нема многу слободно време бидејќи работното време ѝ е од девет до 19.30 часот, но, како што вели и самата, не се сеќава дека излегла пред 20 часот од канцеларија.
– По таков напорен работен ден одам да вежбам јога или на масажа. Тоа е една од омилените активности во Шангај за странците, но и за Кинезите. Преку викенди, често се оди на „бранч“ или по кинески „дим сам“. Градот нема многу културни активности, за разлика од Пекинг, ама и за секојдневна прошетка е интересен. Во околината на Шангај има многу убави антички гратчиња и често одиме на викенд во некое од нив – вели Гордана.

Богат животински и растителен свет на Пом-Пом
Таа е сигурна дека нема да остане цел живот во Кина.
– И покрај тоа што знам дека нема да останам цел живот во Кина, моментно немам конкретни планови. Селење во нова земја секогаш значи да почнеш сѐ од почеток и да паузираш со животот додека да изградиш основа за нормален живот. Тоа секогаш бара време и многу енергија – вели Јакимовска.
И покрај тоа што е многу далеку од своето семејство, таа е во секојдневен контакт со своите најблиски во Скопје. Дома доаѓа еднаш или двапати во годината, во зависност од тоа колку ѝ дозволуваат обврските.
– Пред да дојдам во Кина, не знаев што да очекувам бидејќи ми беше непозната. Сега, кога сум тука, гледам дека животот во Македонија и тука е многу сличен. Тоа е еден перфектен хаос што функционира – смета Јакимовска.

Патувањата на Јакимовска најчесто се поврзани со работата
Јакимовска во последните 16 години живеела во Европа, САД и во Азија и вели дека одлуките за селење од една во друга земја биле секогаш лични, но понекогаш поврзани со работа и со проекти.
– Во Кина патувам многу, но сѐ е тоа поврзано со работата. Тоа патување не е егзотично, туку одам на градилиште или состаноци или посетувам некои фабрики за да ја контролирам работата на проектите што ги градиме. Приватно, се обидувам да патувам колку што можам повеќе, посебно сега додека сум во Азија. Во Кина бев на многу места. На почетокот на годината бев на Борнео две недели, ама сѐ уште не сум патувала многу низ другите азиски земји – завршува Јакимовска.
Пишува: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


