Во својата репортажа Канал 5 објавува случај во која е инволвирана државјанка на Данска која во земјав пристигнала во обид да си ги земе дома двете деца кои што поранешниот сопруг , според неа и ги зел незаконски.
Мајката Малене Стал Расмунсен во потрага по своите деца во Македонија пристигнала со екипа на данската национална телевизија која поради многуте случаи на битка за децата од врски меѓу дански и државјани од други земји формирала посебен оддел за следење на вакви примери.
Мајката е убедена дека Македонија ја прекршила Хашката конвенција која што ги регулира односите меѓу сопружници од различни држави а е потпишана и од Македонија пренесува Канал 5 телевизија.
Во случајот со двете дечиња од Данска кои сега живеат во Битола а чии имиња Канал 5 не ги објавува од разбирливи причини се инволвирани и високите претставници на социјалните институции од двете земји. Според писмото кое во август минатата година го испратило министерството за труд и социјала до одделението за семејни работи при данскиот национален совет за жалби Македонските власти немаат правна основа да одлучуваат за престојот на децата во Битола.
Во елаборацијата на случајот како што го гледа битолскиот центар за социјална работа кој што веднаш по барањето од Данска направил инспекција во домот на таткото и децата се вели дека тие имаат соодветен развој и живеат во хармонија.
Правилото со кое би се согласиле најголем дел од судиите кои водат вакви спорови но и неутралните според кое мајката е таа која што мора да има предност при добивање старателство, добива поинаква елаборација кога се чита делот од извештајот во кој се објаснува зошто таткото минатата година во февруари со децата дошол во Битола во посета на неговата мајка и таму останал се до денес, притоа не дозволувајќи децата да се вратат во Данска.
Според изјавите на таткото доколку децата се вратат кај мајката тие ќе бидат во опасност поради сегашниот партнер на мајката која членувал во моторџиска група наречена бандити. Мајката не крие дека нејзиниот сегашен партнер имал сомнително минато но вели дека сите прават грешки во животот но и дека луѓето се менуваат.
Како ќе заврши случајот со двете дечиња кои се на крстопат меѓу Битола и Данска ќе каже меѓународното право и практика. Едно е сигурно, тврдењето на таткото дека мајката на дечињата има уште две други деца од друг цивилен брак и трета вонбрачна заедница кои што воопшто не ги видела откако ги оставила е голем проблем за министерката за социјала и интеграција на Данска која е директно инволвирана во случајот барајќи правда за својата сонародничка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


