| четврток, 6 декември 2018 |

Слатка одмазда на Тричковски, со гол го урна својот клуб Бриж

Слатка одмазда приреди вечерва Иван Тричковски со гол за победа на Васланд Беверен, против својот клуб Бриж. Македонскиот репрезентативец летово се најде на трансфер листата во Бриж, како вишок во редовите на повеќекратниот белгиски првак, а вечерва се реваншираше со прекрасен погодок, решавачки за сензационален триумф од 2-1.

Во 51 минута популарниот Тричко, кој има статус на позајмен играч од Бриж во Беверен, ја затресе мрежата на австралискиот голман Рајан, за целосен пресврт и три бода за Беверен. Во финишот на мечот имаше уште една убава шанса, но не реализираше, што и не влијаеше на конечниот исход.

Бриж поведе со голот на Симонс од пенал уште во втората минута, 120 секунди подоцна израмни Бојовиќ, а Тричковски ја заврши приказната со гол за победа на гостите. Ова беше прв првенствен гол за него во новиот клуб. Иван е позајмен играч во Беверен до завршување на оваа сезона.

Беверен и покрај победата остана на претпоследното место со 17 бода, два зад Лувен каде игра Јован Костовски ( и тој постигна гол денеска) и три зад Мехелен на Томе Пачовски. Последен со 13 бода е Монс, каде тренер е Чедомир Јаневски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top